/ Прочитано:

1.380

Шпанската Влада на чекор до активирање на членот 155 од Уставот за распуштање на каталонската Влада

Шпанскиот Сенат на пленарна седница в петок ќе треба да се изјасни за одлуката на Владата да го активира членот 155 од Уставот со цел да ги распуштат каталонската Влада и каталонскиот регионален претседател Карлес Пуџдемон и неговите министри. „Одлуката за директна управа над Каталонија е донесена со цел Владата во Шпанија да ги избегне понатамошните економски штети во тој регион, кои, се директно предизвикани од обидите за отцепување од Шпанија“, изјави премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, во своето обраќање пред Парламентот.

Да се воспостават нормални услови за владеење на законот во Каталонија е еден од приоритетите на Владата на Шпанија, изјави премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, во своето обраќање во шпанскиот Парламент во Мадрид.

Рахој потенцираше дека одлуката за директна управа над Каталонија е донесена со цел Владата во Шпанија да ги избегне понатамошните економски штети во тој регион, кои, како што нагласи, се директно предизвикани од обидите за отцепување од Шпанија.

По одржувањето на референдумот за независност во Каталонија, економската состојба е многу нестабилна, поради тоа што повеќе од илјада компании најавија дислокација на своите седишта од регионот, а како резултат на тоа официјален Мадрид ја намали прогнозата за економски раст.

„Политичката криза во Шпанија, предизвикана со одржувањето на референдумот за независност на Каталонија, има ’умерено негативно‘ влијание врз висината на банкарските заштеди“, е оценката на Гонзало Гортазар, директор на банката ‘„Каиша“. Според него, одливот на депозити од банката драстично се зголемил во изминатиов период, но тој не изнесе детали во врска со своето тврдење. Ваквата појава, како што вели Гортазар, се должи на нервозата меѓу клиентите по референдумот за независност на Каталонија, кој Мадрид го прогласи за незаконски.

Во меѓувреме, односно пред два дена шпанските политички партии одредија 27 сенатори за членови на комисија која ќе донесе одлука како Владата во Мадрид може да интервенира во управувањето со Каталонија и да ја спречи да прогласи независност. Комисијата се состои од 15 членови на владејачката Народна партија на шпанскиот премиер Маријано Рахој, шест членови на водечката опозициска Социјалистичка партија, а остатокот го сочинуваат членови на помали шпански партии.

Нивна задача е да следат како Владата во Мадрид ќе ја спроведува директната управа над Каталонија, со што би се спречило нејзино отцепување од земјата. Односно тие ќе ги разгледаат мерките што им се на располагање врз основа на членот 155 од шпанскиот Устав, со цел да ги распуштат каталонската Влада и каталонскиот регионален претседател Карлес Пуџдемон и неговите министри.

Се очекува Комисијата да го информира Пуџдемон за своите планови и да го повика да го одбрани својот случај најверојатно утре, еден ден пред седницата на шпанскиот Сенат кој ќе треба да се изјасни за одлуката на Владата да го активира членот 155 од Уставот.

Очекувањата се дека Сенатот ќе ја изгласа одлуката на Владата имајќи го предвид фактот дека Народната партија, чиј лидер е премиерот Рахој, има апсолутно мнозинство во Горниот дом на шпанскиот Парламент.

Од своја страна, каталонските лидери за утре најавија седница на каталонскиот Парламент и најверојатно во текот на утрешниот ден ќе биде донесена одлука за игнорирање на мерките на Мадрид, со што ќе биде прогласена еднострана независност на Каталонија.

„Каталонскиот Парламент ќе одржи пленарна седница в четврток претпладне, на која ќе донесе решение како ќе реагира на одлуката на шпанската Влада за преземање на директно управување со областа“, изјави портпаролот на регионалната партиска коалиција „Заедно за ДА“.

Коалицијата планира да го обжали пред суд активирањето на членот 155 од Уставот на Шпанија, со кој им се одземаат овластувањата на регионалните власти и се создаваат услови за одржување нови избори.

Инаку, Владата на Шпанија одлучи да започне процес на активирање на членот 155 од Уставот, со што би се распуштила регионалната Влада и би се распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раководел посебен орган именуван од страна на кабинетот во Мадрид. Ова е мерката од страна на официјален Мадрид откако властите во Барселона на 1 октомври спроведоа референдум за независност на Каталонија на кој 90 проценти од гласачите се изјаснија за независност на регионот.

А. Б.