/ Прочитано:

3.579

Шпанскиот фудбал во правни проблеми и скандали

Шпанската Прва лига е во топ 3 фудбалски лиги најјаки во светот, заедно со италијанската и англиската Премиер лига. Синоним за фудбалски скандали, местење натпревари, судски процеси со изрекување на тешки казни, во секој случај, досега беше италијанскиот фудбал, особено преку двата скандала што се случија од 2004 до 2008 година.

Но во последните 2-3 години, енормно високите трансфери изразени во стотици милиони долари беа карактеристични особено за шпанскиот фудбал, и тоа двата најголеми клубови Реал Мадрид и Барселона. Но, во правна смисла, трансферите открија некои сомнителни моменти околу прикривањето данок од страна на клубот и играчите, како и некомплетни трансакции при префрлањето пари за трансферите.

Од 2015 година, биле одржани три судења во врска со потенцијални даночни малверзации а дел од нив биле контролирани преку оф-шор компании од Белизе и Уругвај. Лајонел Меси, капитенот на Барселона, заедно со неговиот татко, кој воедно е и негов агент беа осудени на вкупно 21 месец затвор условна казна, поради неплаќање данок.

Во текот на летото, и ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, беше осомничен за криминални активности во однос на неплаќањето данок, , што доведе до огромен притисок врз него од страна на јавноста во Шпанија. Оваа судска постапка е на самиот почеток и е далеку од финална разрешница.

Скандалите со даноците во Шпанија почнуваат да се актуелизираат особено во сезоната 2002/2003 кога тимот на Реал Мадрид го сочинуваат голем број ѕвезди како Бекам, Ѕидан, Раул, Роберто Карлос, Икер Касиљас, Луис Фиго, Роналдо итн. Интересен случај за правниците тогаш била шемата наречена „Правилото на Бекам“ кое подразбирало можност за ослободување од данок за клубот кој ќе носи таленти од странство во сите категории од клубот (младински и сениорски тимови).

Но во 2010 година ова правило не важело за плати под износ од 600.000 долари и оттогаш даночните инспектори на мудар начин почнале да ги расветлуваат потенцијалните неплаќачи на данок. Претседателот на даночниот инспекторат на Шпанија, Карлос Крузадо, изјави дека во изминатите години шпанската даночна инспекција ја интензивирала контролата над фудбалерите, агентите и клубовите, проверувајќи дали ги извршуваат своите обврски спрема државата или претставуваат само форма за перење пари како во случајот Белизе.

Моментално во Шпанија најскапо платен играч е Кристијано Роналдо кој годишно заработува58 милиони долари плус 35 милиони долари од спонзорства и реклами, а веднаш по него е Лајонел Меси со годишна заработка од 53 милиони долари плус 27 милиони долари од спонзорства и реклами.

С.М.