Шпанскиот суд издаде европски налог за апсење на Пуџдемон
Во изјава за Белгиската радио-телевизија, адвокатот на Пуџдемон, Пол Бекерт истакна дека од страна на шпанските власти бил известен дека веќе е издаден налог за апсење на Пуџдемон, како и на четворицата министри од поранешната каталонска Влада кои во моментов се во Белгија. „Тоа практично значи дека шпанското судство до федералното Обвинителство во Белгија сега ќе испрати барање за екстрадиција“, изјави Бекерт за Белгиската радио-телевизија.
Пол Бекерт, адвокатот на поранешниот претседател на разрешената Влада на Каталонија, Карлес Пуџдемон, соопшти дека шпанскиот Суд издаде европска потерница за неговиот клиент.
Во изјава за Белгиската радио-телевизија, Бекерт истакна дека од страна на шпанските власти бил известен дека веќе е издаден налог за апсење на Пуџдемон, како и на четворицата министри од поранешната каталонска Влада кои во моментов се во Белгија.
„Тоа практично значи дека шпанското судство до федералното Обвинителство во Белгија сега ќе испрати барање за екстрадиција“, изјави Бекерт за Белгиската радио-телевизија.
Инаку, Карлес Пуџдемон и четворицата министри од неговиот поранешен кабинет вчера не се појавија на сослушувањето во Врховниот суд во Мадрид, поради што шпанското Обвинителство веднаш побара да биде издадена меѓународна потерница по Пуџдемон.
Имено, во вторникот Пуџдемон од Брисел порача дека нема намера да бега од правдата, но како што изјави, не планира да се врати во Шпанија доколку не добие гаранции дека таму ќе има праведно судење. Истовремено, Пуџдемон го обвини шпанското Обвинителство дека потхранува желба за одмазда против него, нагласувајќи дека нема да бара политички азил во Белгија.
Во Врховниот суд во Мадрид вчера се појавија другите министри и шесте членови на регионалниот Парламент на Каталонија, кои од страна на шпанските власти се обвинети за бунт и антидржавни активности. Тие дадоа исказ пред судот по обвиненијата за поттикнување на бунт и злоупотреба на јавните средства. Следното сослушување е закажано за 9 ноември.
На осум членови на поранешната каталонска Влада, Судот им одреди мерка притвор додека поранешниот министер Санти Вила, кој поднесе оставка пред едностраното прогласување независност на Каталонија, е ослободен со кауција од 50.000 евра.
Веднаш по ваквата одлука на Судот, Пуџдемон доцна синоќа побара ослободување на неговите блиски соработници. Во изјава за каталонската телевизија, Пуџдемон рече:
„Како легитимен претседател на Владата на Каталонија, барам ослободување на министрите и на потпретседателот Ориол Жункерес. Гневот со кој шпанската Влада нападна една прекрасна европска нација е срамен и претставува закана за сите нас. Независноста на Каталонија веќе не е внатрешен проблем на Шпанија“, истакна Пуџдемон.
Истовремено, тој ги повика Каталонците да протестираат против шпанските власти без насилство, мирно и со почитување на сите мислења.
Инаку, во текот на вечерта, илјадници луѓе протестираа против притворањето на осум членови на разрешената регионална Влада на Каталонија на улиците на каталонските градови Барселона, Тарагона, Жирона и Леида. Од своја страна, пак, уапсените министри и членовите на каталонскиот Парламент преку своите адвокати и на социјалните мрежи повикаа протестите да бидат мирни и нивните приврзаници да избегнуваат секакво насилство.
А. Б.