/ Прочитано:

1.655

Штипскиот суд го поништи конкурсот за вработување на 18 лекари

Среда, 7 ноември 2012 – Основниот суд Штип го поништил огласот за вработување на 18 лекари во штипскиoт Клинички центар. Од судот информираат дека постапката за вработување е процесуирана во судска постапка откако еден од кандидатите кој не влегол на работното место, одлучил правдата да ја бара во судница. 

„По тужбено барање на еден од кандидатите за прием на лекари во Клиничка болница – Штип е заведен предмет од областа на работните односи. Предметот е процесуиран, со тоа што согласно Законот за работни односи и согласно Законот за здравствена заштита огласот за прием на лекари во Клиничка болница е поништен со одлуката на Основен суд-Штип. Со самото тоа се повлекува и поништување на одлуката за избор на кандидатите. Меѓутоа треба да се има во предвид дека оваа пресуда не е правосилна, против истата имаат право на жалба странките во рок од 15 дена, појаснува Стојан Михов, портпарол на Основниот суд. 

18-те лекари минатиот месец добиле договори за вработување на неопределено време. Конкурсот е поништен со судска одлука, во меѓувреме Клиничкиот центар во Штип распишал конкурс за вработување на тројца лекари. 

Првиот конкурс кој бил распишан во мај оваа година за 18 места аплицирале околу 54 дипломирани медицинари кои покрај стручниот испит морале да полагаат и англиски јазик.