/ Прочитано:

764

„Што кажува извештајот на Европската комисија и што треба да направиме?“

ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, во соработка со ИДСЦС и Еко-свест, го објави документот со наслов „Коментар на  ЕВРОТИНК, ИДСЦС и Еко-свест: Што кажува извештајот на Европската комисија и што треба да направиме?”. Документот ги одразува ставовите и препораките во поглед на извештајот на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија, 2020. ЕВРОТИНК, ИДСЦС и Еко- свест ги повикуваат властите да преземат стратешки осмислени, долгорочни и меѓусебно синхронизирани активности според поделбата по кластери во пристапните преговори со ЕУ.

Генералната оцена е дека земјава позитивно се издвојува од останатите земји од Западен Балкан. ЕК забележува најголем напредок во исполнувањето на реформите посочени од Советот во заклучоците од  јуни 2018. Овогодишниот извештај е објавен заедно со новиот Економски и  инвестициски план, најавен на Загрепскиот самит, придружен со Зелениот договор за земјите од Западен Балкан.

Извештајот бележи позитивен исчекор на Собранието, особено во делот на конструктивен политички дијалог и исполнување на законодавната функција. Со донесувањето на амандманите на Законот за Собрание, Собранието ја зајакна независноста на својата служба, а со усогласувањето околу клучните амандмани на Деловникот, кој очекуваме да се усвои набрзо, се чекори напред кон зајакнување на улогата на Собранието во системот на спреги и контроли. Сепак, извештајот ја потенцира важноста за дополнителен иден ангажман околу зајакнување на надзорната улога, потреба за предвидлив законодавен процес, а забелешка е дадена и во делот на прекумерната употреба на скратената постапка за донесување закони. Од Собранието се очекува натамошно подобрување во извршувањето на своите функции, преку имплементација на препораките од Комисијата и договореното во рамките на „Жан Моне“ дијалогот.

Покрај улогата на Собранието, клучен и долгогодишен партнер на Европската Унија и државата во интегративните процеси е и граѓанското општество. ИДСЦС, ЕВРОТИНК и Еко-Свест се залагаат за активно и адекватно вклучување на граѓанското општество во пристапните преговори, преку нивно соодветно учество во владините работни групи за утврдување на нацрт преговарачките позиции, како и во работата на собраниските  комисии и тела кои вршат надзор врз работата на Владата во делот на  евроинтеграциите. За реализација на оваа цел, потребна е ревизија на постојната преговарачка структура, со нејзино поедноставување, а со цел поефикасно и поефективно преговарање, во согласност со новата Методологија за преговори. Дополнително, потребно е воспоставување соодветен фонд кој ќе овозможи целисходно, суштинско и одржливо учество на граѓанското општество во преговорите.

Документот можете да го најдете во прилог, а достапен е и на следниот линк:

Kоментар на ЕВРОТИНК, ИДСЦС и Еко-свест: Што кажува извештајот на Европската комисија и што треба да направиме?