/ Прочитано:

1.152

Што мислат граѓаните за електронските комуникациски услуги што ги добиваат

Агенцијата за електронски комуникации објави испитување на јавното мислење од аспект на заштитата на корисниците на електронски комуникациски услуги.

„Мнозинството од корисниците се задоволни од цените и од квалитетот на услугите, при што сумираното задоволство (сума од одговорите „многу сум задоволен“ и „задоволен сум“) од квалитетот е најголемо кај услугата мобилна телефонија – 82%, а потоа следуваат услугите: телевизија – 78%, фиксна телефонија – 77% и интернет – 72%“, посочуваат од АЕК во наодите на извештајот, кои ги пренесуваме во целост.

„Генерално, задоволството од цените на телекомуникациските услуги во 2018 година бележи благ пад во однос на претходната година, освен кај услугата телевизија, каде што задоволството е зголемено за 7%. Најголемо задоволство (сума од одговорите „многу сум задоволен“ и „задоволен сум“) од цените се забележува кај корисниците на телевизија – 77%, по што следуваат корисниците на фиксна телефонија – 72%, на интернет – 70% и на мобилна телефонија – 68%“, посочуваат од АЕК.

Лојалноста е највисока кај корисниците на услугата мобилна телефонија – 76% од испитаниците се изјасниле дека доколку во моментот треба да одберат оператор, би останале на истиот оператор, потоа следува услугата телевизија – 75%, кај услугата фиксна телефонија 71% од корисниците се изјасниле дека би останале на истиот оператор, додека лојалноста е најниска кај корисниците на услугата интернет – 68%.

Бројот на приговори бележи намалување во однос на 2018 година. Преку телефон најмногу приговарале корисниците на услугата интернет – 28% од домаќинствата во кои се користи, телевизија – 18% од домаќинствата во кои се користи услугата од оператор, мобилна телефонија – 9% од корисниците, а најмалку се жалеле корисниците на фиксна телефонија – 3%.

Најмногу писмени приговори биле поднесени за услугата мобилна телефонија – 2,1%, за секоја од останатите услуги приговарале помалку од 1% од населението.

МОБИЛНА ТЕЛЕФОНИЈА

Процентот на корисници што потпишале двегодишен договор бележи раст од 7% во однос на 2018 година и изнесува 65%. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплатиле за телефонски апарат (53%) или добиле телефонски апарат бесплатно (30%). Корисниците на интернет преку мобилен телефон бележат раст во 2019 година (69%) во однос на 2018 година (64%). Задоволството кај овие корисници во однос на брзината и достапноста на мобилниот интернет е зголемено во 2019 година во споредба со претходната година, додека задоволството од цената на оваа услуга останува речиси непроменето.

Речиси една петтина од испитаниците што знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг. Oд нив 16% ја користеле оваа поволност. Половина од корисниците на регионален роаминг (50%) сметаат дека тој е незначително поевтин.

Во последните 12 месеци, 18% од населението користело роаминг. Повеќе од една четвртина (27%) од корисниците на роаминг се информираат за цената за роаминг во соодветната земја.

Роамингот најчесто се користи за испраќање на СМС-пораки – 78% и за разговори 54,8%, додека интернет во роаминг користеле само – 18% од корисниците на роаминг.

Во 16% од случаите, корисниците добиле нереално висока сметка за роаминг, што претставува пад од 2% во однос на 2018 година.

Повеќето од лицата што добиле висока сметка за роаминг сметаат дека висината на сметката се должи на користењето разговори (36%) и користењето на интернет (32%), додека 40% не знаат на што се должи висината на сметката.

Телефонски приговарале 9% од корисниците на мобилна телефонија и 21% од нив биле потполно задоволни од одговорот на операторите. Бројот на незадоволни корисници од одговорот е намален во однос на 2018 за 6%. Писмен приговор упатиле 2% од корисниците на мобилна телефонија, од кои повеќето (82%) приговарале за висината на сметката. На 82% од испитаниците што поднеле писмен приговор им е одговорено за помалку од 15 дена.

ФИКСНА ТЕЛЕФОНИЈА

Мал дел од домаќинствата (3%) во кои се користи фиксна телефонија се пожалиле телефонски кај операторот и сите биле потполно или делумно задоволни од одговорот од операторот. Писмен приговор поднеле помалку од 1% од домаќинствата што користат фиксна телефонија.

ТЕЛЕВИЗИЈА

Речиси половина од населението немало никакви проблеми при користењето на телевизиски услуги. Од испитаниците што пријавиле проблем, најчесто забележале замрзнување/ кочење на сликата (24%), прекини во приемот (23%) и исклучување на канали кои претходно биле во претплатата (13%). Околу 18% од корисниците на услугата ТВ од оператор се пожалиле телефонски за некаков проблем со ТВ-услугата. Мал дел од нив (10%) не биле задоволни од одговорот на операторот. Само 0,4% од корисниците на ТВ од оператор приговарале по писмен пат.

ИНТЕРНЕТ

Три четвртини од корисниците на интернет не ја знаат брзината што треба да ја добијат од операторот. Голем дел од корисниците на интернет (66%) не знаат и дека постои можност да се измери точната брзина што ја испорачува интернет-провајдерот. Повеќе од една третина (38%) од испитаниците што се свесни за оваа опција ја проверуваат брзината на нивната интернет-конекција.

Околу 34% од испитаниците кои имаат пристап до интернет контактирале со провајдерот поради прекин или недостапност на услугата. Кај 86% од нив проблемот е решен истиот или следниот ден.

Повеќе од половина од испитаниците (56%) во чие домаќинство малолетни лица пристапуваат на интернет не се свесни дека постои софтвер за родителска контрола што на децата ќе им овозможи безбеден интернет. Ваков софтвер имаат инсталирано само 8% од домаќинствата што се свесни дека постои софтвер за родителска контрола. Повеќе од половина (54%) од испитаниците што моментално немаат таков софтвер се заинтересирани да го инсталираат во иднина но мнозинството (91%) од нив не знаат каде можат да го набават.

Повеќе од една четвртина (28%) од домаќинствата со интернет-пристап имаат приговарано телефонски до својот провајдер и во 89% од случаите одговорот од операторот бил задоволителен. Само 0,5% од домаќинствата со пристап до интернет упатиле писмен приговор до интернет-провајдерот.“

Извештај од испитување на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникациски услуги, резиденцијални корисници

М.В