/ Прочитано:

1.686

Адвокат Мицкоски: Што не се учи на правни студии, а треба да се знае!

Од првиот студентски час, па се до свеченото земање на дипломите, воошто не се споменуваат работите на кои практикантите наидуваат веднаш откако стануваат приправници. Покрај ова, недостасуваат симулации на судења во студентските предавални, смета младиот амбициозен адвокат Александар Мицкоски кој со свежи спомени раскажува за неколку годишното искуство како адвокат. Освен обемната правна теорија и законите, адвокатот Мицкоски во реалноста се соочил со полните судници во кои треба професионално да си ја врши работата. 

Изреката „Подобро да спречиш, отколку да лечиш“ треба да им е добра позната на студентите по право, смета адвокатот Александар Мицкоски. Според него на правните студии недостасува симулација на судења, следење на судења и на работата на институциите и министерствата, затоа студентите треба на своја иницијатива да бараат простор каде што ќе можат да стекнат практични знаења. Ситуацијата му е добро позната, толпа од правници, малку работни места, сепак тој не крева раце. Со засукани ракави се фрла на работа, спротивно од македонскиот синдром „Барам работа, не дај боже да ја најдам“. При разговорот со него, тој беше полн со оптимизам и јасно нагласи дека  не го рушат гласините за лошата состојба на македонското судство.

„Мислам дека предавањата на професорите се доволни за теоријата, и според мене за да еден студент на правниот факултет, во текот на студиите се оформи како правник неопходно е на вежбите да посвети повеќе внимание на праксата, поголемо присуство и следење на повеќе судења од различни области, посета и запознавање со начинот и предметот на работа на другите институции и министерства кои најмногу ги засегаат правниците во нивното работење, Собранието на Република Македонија, единиците на локалната самоуправа, адвокати, како и посета на казнено поправни установи и домови“.

Учете, но не ја заборавајте праксата!

Адвокатот Мицкоски преку своето искуство научил дека никој не може да ти помогне, ако сам не се потрудиш. Неговиот совет до студентите е додека траат студиите најважно е самите да пробаат да си овозможат прва средба со судници и институции. За него тоа е единствениот начин кој по студиите ќе спречи студентите во судските ходници да личат на изгубени странци.

„Доколку директно од универзитетските клупи, со знаење стекнато само по пат на теорија, кое не е поддржано со практична настава, почнев како приправник сметам дека долго време ќе ми беше потребно за да извршувам работи кои законот им ги дозволуваше на приправниците. Ќе изгледав како изгубен странец, ќе ја немав барем малата самодоверба што  во моментот како почетник многу ми значеше“.

Адвокатски правила на Мицкоски

Младиот адвокат од Кичево се води според 3 правила.  Освен теоријата и законите, Мицкоски применува неколку правила кои за него се патоказот до успешна кариера.

Странки во канцеларија, а не во судски ходници и угостителски објекти

За да се зачува угледот на адвокатурата, адвокатот  треба строго да го почитува правилото, странките да ги прима во канцеларија, а не во судските ходници, угостителските објекти и на улица. Професионалната адвокатска тајна мора да остане во четири  ѕида, а не да биде раскажана на маса во меана.

Се молчи за роднинските врски со вработените во судот

Адвокатите не треба јавно и гласно да коментираат доколку имаат роднински и пријателски врски со вработени лица во судовите. Иако клише, но сепак преку познанства со функционери и припадниции на политички партии не треба да му се ветува брда и планини на клиентот.

Судија, адвокат, обвинител да не седат на иста маса

Додека трае судскиот процес, пожелно е судијата, адвокатите и обвинителот јавно да не седат на иста маса во угостителските објекти, бидејќи на тој начин оставаат впечаток на несериозност и непознавање на етичките норми на правосудната професија.

Младите адвокати и малите деца, чекорат со исти чекори

Седењето дома и кукањето за состојбата на македонското судство може да резултира со уште поголема депресија, смета адвокатот Мицкоски. Раскажувајќи за неговите први адвокатски чекори, се присети дека не секогаш му било пријатно во судница, особено кога не му било познато ниту каде седи судијата, а каде странката.

„Првите адвокатски чекори се исто како чекорите на мало дете. Ништо не ми беше познато, имав милион прашања кои од денешен аспект, искрено ми се смешни. Сепак, според мене и малку срам не е на одмет, мора храбро да се стои пред секој предизвик. За се има прво искуство, па така е и со нашата професија. Се може да се научи ако постои волја и оптимизам. Ако седиме дома и само кукаме колку ни е лошо, никогаш нема да ни биде подобро“.


Разговараше: Паула Божиновски Објавено: 11.09.2012