/Прочитано:

2.996

Што предвидува Законот за употреба на јазиците за постапките пред судовите, обвинителствата, извршителите и нотарите

Во членот 9 од Законот за употреба на јазиците е уредено користењето на јазиците во судските, управните, извршните постапки, во постапката за извршување санкции, во предистражни и истражни постапки, во кривични и прекршочни постапки, во парнични и вонпарнични постапки, како и во другите постапки пред судовите, јавните обвинителства, како и пред сите други органи, тела и институции.

Во наведените постапки се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо. Сите овие постапки, се вели во Законот, се водaт на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија.

Исто така, сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од овие постапки се донесуваат и се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија.

Во Законот е пропишано и дека институциите (судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и институции) се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.

Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката.

Во Законот е предвидено дека називите на наведените институции (судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и институции) во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо.

Исто така, овие институции со седиште во подрачје кое опфаќа повеќе основни судови од кои најмалку еден од нив се наоѓа во единица на локална самоуправа во која се зборува службен јазик различен од македонскиот, а кој го зборуваат 20 % од граѓаните на Република Македонија, називите исто така ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо.

Трошоците што настануваат од преведувањето за странките и учесниците во постапката, како и трошоците за судски преведувач што настануваат со примена на одредбите на овој закон предвидено е да  паѓаат на товар на средствата на наведените институции.

Во Законот се уредува и употребата на јазиците во постапките пред нотарите и пред извршителите. Во согласност со овој член, во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки може да се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Во постапките пред извршител доколку учесник е лице кое го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија, налозите, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти на извршителите се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Постапката по непотпишување на указот и укажувањата на претседателот на РМ во врска со Законот за употреба на јазиците

Уставните и законските одредби за прогласувањето на законите и потпишувањето и објавувањето на актите

Што предвидува Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на Република Македонија

М.В