/Прочитано:

3.951

Што се предвидува со најновите предложени измени на Законот за судовите, чиј текст го објави Министерството за правда

Министерството за правда ги објави предложените измени на Законот за судовите. Донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, се посочува во тестот на законските измени, произлегува  од потребата  за реформа на судството во Република Македонија, која е зацртана во стратешките документи за членство во ЕУ и НАТО, и од потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани  на европските стандарди.

ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ

Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите содржи  36 члена.

Со членот 1 се врши прецизирање на основната надлежност на судовите пред кои се остварува заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот како и правата на другите субјекти во нашата држава.

Со членот 2  се интервенира во постојнот член 9 со кое се врши прецизирање на Уставното начело за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Со членот 3 во одредбата од законот со која се уредува внатрешната организација на судот за формирање на специјализирани судски оддели се брише зборот „покарактеристични“ со што се дава поширока можност на судовите за формирање на оддели, а со цел за зајакнување на можноста за специјализација на судиите за работа по одделен вид предмети.

Со членовите 4 и  5 и 8 се врши преименувања на  називот на Основниот суд Скопје I Скопје и Основниот суд Скопје II Скопје во Основен кривичен суд Скопје и Основен граѓански суд Скопје, а согласно нивната надлежност.

Со членот 6 воедно се интервенира во постојниот член 30 со кој е пропишана стварната надлежност на судовите и се проширува надлежноста на судовите со оснивна надлежност да постапуваат по предмети од меѓународна правна пмош и воедно се брише надлежноста за спроведување на истраги и истражни дејствија, и водење на тапии, од причина што истите не се во надлежност на судовите.

Со предлог членот 7 се интервенира во постојниот член 31 и се уредува постапувањето по предмети за трансфер на осудени лица, признавање и  извршување на странски судски  одлуки.

Со предлог членот 9 се интервенира во постојниот член 37 од законот, а согласно насоките предвидени со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и  се предвидува надлежност на општата седница на Врховниот суд на Република Македонија да донесува етички Кодекс за судиите и судиите поротници.

Со членот 10 се додава нов член 38-а со кој воведува нова категорија на таканаречени млади судии со кој се предвидува во период од две годни новоизбраниот судија да суди за предмети од надлежност на основен суд со основна надлежност. Се оцени дека периодот од две години е доволен за постигнување на доволна судиска стручност на младите судии да можат да бидат вклучени во редовниот распоред на тековни предмети, а согласно препораката од Оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители од 23.04.2018 година

Со членот 11 од Предлог законот се предвидува обврска судијата кој времено е упатен да работи во друг суд или во друг специјализиран оддел заради зголемен обем на работа, по истек на времето за кое е упатен задолжително да се врати на работа во судот од кој е делегиран односно во специјализираниот оддел. Ова се предлага од причина што се оцени дека е потребно да се преоценува потребата за времено делегирање на судиите имајќи во предвид дека истата може да се врши без согласност на судијата, без оглед на фактот што законодавецот предвидел право на приговор.

Со членот 12 од Предлог законот се определува четиригодишен мандат за судија поротник со право на повторен избор.

Во членот 13  се предвидува обврска на Судскиот совет на Република Македонија да го утврдува оптималниот број на судии и судии поротници  по судовите врз основа на прибавено мислење од надлежната седница на судии и анализа и проекција за слободни судиски места. Оваа измена се предлага согласно забелешките на Оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители во Република Македонија извршена во период од 23.04.2018 до 26.04.2018 година, а согласно која „не постои планирање на човечки ресурси и нема стратешко планирање за вработување на судии или јавни обвинители, ниту за правни соработници и друг помошен персонал.Огласот за судии и јавни обвинители од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се чини дека е направен по случаен избор.“ Советот располага со сите потребни статистички показатели (број на судии и стручен  персонал, број на предмети по судови по област, движење на предмети по години и согласно новопредвидената надлежност истиот мора да ја следи работата на судовите и судиите) и истиот има капацитет за исполнување на наведената обврска.

Со членот 14  се врши прецизирање и доработка на постојниот член 45 во кој се пропишани општите  условите кој едно лице треба да ги исполнува за да биде избрано за судија. Имано, се предлага општата здравствена состојба кандидатот за судија да ја докажува со лекарска потврда. Понатаму од кандидатите за судии не се бара активно познавање на определен странски јазик, односно полагањето на јазикот е во рамките на приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители каде во самиот тест се определува степенот на знаење на идниот судија согласно што доколку истиот биде примен во Академијата за судии и јавни обвинители ќе му се овозможи натамошно стручно унапредување и на знаењето од странскиот јазик.

Со членот 15 од предлог законот се пропишува временскиот рок на важење на потврдите за положен тест за интегритет и психолошки тест. Имено досега за секое конкурирање кандидатот мораше да ги полага овие  тестови  без оглед на тоа дали истите веќе ги положил во тековната година. Цениме дека рокот од три години е оптимален за нивна важност.

Со членот 16 се предвидува можност и судија избран за подрачјето на еден основен или апелационен суд по истек на определне број години непрекинат судиски стаж во односниот суд може да биде избран за подрачјето на друг основен односно апелационен суд . Целта на овој предлог е да се овозможи движење на судиите од исте степен на различни апелациони подрачја како и можност судија од суд со основна надлежност да биде избран во суд со проширена надлежност. Воедно, се предлага можност за судија во сите степени на судството да биде избран судија кој вршел судиска функција во  Европскиот суд за човекови права,  а согласно препораката од Оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители од 23.04.2018 година. Исто така за сите степени на судството се предвидува можност Судскиот совет да избира судија од првите пет рангирани кандидати, според законски критериуми, пријавени на конкурсот, имајќи го во предвид неговото дискреционо право за избор на судија.

Со членот 17 се воведува новина во однос на изборот на Претседател на суд со тоа што се предвидува истиот да има најмалку шест години непрекинат судиски стаж во суд од ист или повисок степен истиот треба да биде оценет со позитивна оценка и да е меѓу првите три рангирани кандидати на огласот.

Со членот 18 се предлага  судиите едукатори во Академијата за судии и јавни обвинители да им се овозможи да ја вршат судиската функција во намален обем, во зависност од должината на нивниот ангажман во Академијата.

Со членот 19 се уредува мирувањето на функцијата судија и се предлага истата да мирува ако судијата е избран за  судија на меѓународен суд, судија на Уставен суд, Јавен обвинител на Република Македонија или директор или заменик директор на Академијата за судии и јавни обвинители. Се проширува можноста за судиите да можат да конкурираат и бидат избрани за Јавен обвинител на Република Македонија, а согласно искуството на државите од Европската унија.

Со членот 21 се предлага за правата од членовите 61 и 62 во кои се уредува временото упатување на судија на работа во друг суд да одлучува Судскиот совет на Република Македонија, а средствата да се обезбедуваат од Судскиот буџет. Во досегашното решение за овие права одлучуваше Судскиот  буџетски совет. Имајќи ја во предвид основната надлежност на Судскиот совет како гарант на судската самостојност и независност, а и од причина што Советот одлучува за времено упатување на судијата да суди во друг суд, се оцени дека за остварувањето на овие права неопходно е да одлучува Судскиот совет.

Со членот 22 се дополнува основот за можност за времено оддалечување на судија од вршење на судиска функција кога е поведена постапка  за утврдување на одговорност доколку постојат оправдани причини за оддалечување од вршење на судиската функција. Се отстранува можноста Советот времено да го оддалечи судијата од вршењето на судиската функција со секое поведување на постапка за утврдување на одговорност и истата е сега можна само доколку постојат за тоа оправдани причини.

Со членот 23 се доработуваат основите  и условите за доделување на судска стипендија на начин што се предвидува истото да биде по основ на конкурс и одлуката да биде заснована пред се на резултатите од работењето на судијата и неговата потесна специјализација во работата.

Со членот 25 се врши правно редакциско подобрување на текстот на одредбата и воедно се менува основот за престанување на судиската функција и наместо со навршување на 64 години старост се пропишува истата да престанува со исполнување на услови за старосна пензија, согласно Уставната одредба. Анализата на законите од областа на судството на земјите членки на Европската унија како и на државите од нашето опкружување  укажа дека  во Република Македонија е нај низок прагот за пензионирање на судиите. Распонот на години старост како услов за пензионирање воглавно се движат помеѓу 67 до 70 години старост. Согласно наведеното оценивме дека измената што се предлага е оправдана.

Со предлог членот 26 се интервенира во постојниот член 74 на начин што се додава нов став (3) со кој се овозможува  во случај на полесен облик на повреда на основите за разрешување на судија, на судијата да може да му биде изречена дисциплинска мерка, наместо разрешување, а согласно препораката на Венецијанската комисија. Воедно се предлага разрешување на судија од судска функција да биде можно само ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на судијата без оправдани причини и повредата да предизвикала сериозни последици.

Со членот 27 се интервенира вопостојниот член 75 во основите за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Имено, согласно препораките на меѓународната заедница и Венецијанската комисија разрешувањето на судиите да биде возможно само за најсериозни видови на повреди, и истиот да не може да се разрешува само доколку една негова пресуда го прекршува правото на судење во разумен рок, се предлага како основ за нестручно и несовесно работење да се смета:

–           ако континуирано не ги исполнува критериумите за успешност во работењето,  а согласно критериумите и постапката утврдена со Закон.

–           без оправдани причини не ги закажува рочиштат во предметите кои му се доделени во работа или на друг начин ја оддолговлекува постапката или не го зема предметот во работа и

–           земе во работа предмет кој не е распределен преку системот за автоматкса распределба на предмети.

Останатите основи се предлага да се бришат од причина што дел од нив влегуваат во делото злоупотреба на службена положба и овластување и воедно се непрецизни и можат да доведат до разрешување на судија за преземени процесни дејствија или донесени одлуки за кои е всушност надлежен, без оглед на тоа дали одлуката била поништена од страна на повисокиот суд. Измените кои се предлагаат се согласно препораките на Венецијанската комисија која препорачува „основите за разрешување на судија треба да бидат условени од два елемента: објективен елемент кои се однесува на тежината на повредата и сериозноста на штетата причинета од судијата и субјективен елемент: намерата на судијата да го прекрши законот или негова груба и очигледна небрежност.“

Од претходно наведените причини се предлагаат измените и во членот 28, а кои се однесуваат на основите за утврдување на потешка дисциплинска повреда како основ за разрешување на судија. Во наведената смисла се предлагаат следните основи:

–           членување во политичка партија,

–           оневозможување на вршење надзор над судиската работа од страна на повисок суд,

–           потешка повреда  на јавниот ред и мир со која се нарушува угледот на судот и неговиот углед утврдена со правосилна судска одлука,

–           прима подароци и други користи во врска со судиската работа;

–           јавно изнесува класифицирани информации или јавно изнесува информации и податоци за судски предмети со што се повредува обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со закон и кога јавноста е исклучена согласно закон..

Со членот 29 од Предлог законот се предлага измена во член 77 во точката 2) односно како основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија се предлага „искористување на својата функција и угледот на судот за остварување на свои приватни интереси“. Ова се предлага со цел за заштита на угледот на судијата и воедно можност истата да не биде искористена за остварување на негова  лична корист. Едновремено основот од точката 7) се оцени дека преставува сериозна повреда и истата е прелоцирана во основите за разрешување на судија.

Со членот 30 се предлага бришење на дисциплинската мерка упатување на дополнителни часови стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители од причина што се оцени дека истата е безпредметна согласно новите редефинирани основи за разрешување на судија и дисциплинско казнување и новиот систем на оценување заради унапредување. Воедно се додава нов став (3) со кој се предвидува при определување и изрекување на дисциплинска мерка на судијата задолжително да се земаат во предвид тежината на повредата, степенот на одговорност, околности под кој е сторена повредата и однесувањето на судијата, последиците од сторената повреда како и претходно изречени дисциплински мерки. Овој став е согласно укажувањето на Венецијанската комисија која предлага дополнување на овој член каде посебно треба да се имаат во предвид тежината на прекршокот, сериозноста на сторената штета и степенот на вина на судијата.

Со  членот 31 се интервенира во постојниот член 79 со кој се утврдени основите за разрешување на Претседател на суд од функцијата претседател. Измената која се предлага е во однос на алинејата 1 од ставот (1)  со која како основ за разрешување се предлага -пречекорување и повреда на законските овластувања.

Едновремено се предлага бришење на  алинеите 3, 8 и 10 кои се однесуваат на

-неизвршување или ненавремено извршување на работите на судската управа, неисполнување на програмата за работа и

-ако не го извести Судскиот совет за сторена потешка дисциплинска повреда од страна на судијата за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на судија, согласно со членот 76 од Законот за судовите. Ова се предлага од причина што истиот основ е содржан во алинеите 1 и 12 на истиот член.

Со членот 32 се додава нов член 86-а  со кој се предлага основање на Центар за координирање и управување со информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи. Ова се оцени како неопходно заради воедначување на податоците кои се добиваат од сите правосудни органи, имајќи во предвид дека Министерството за правда е надлежна институција за изготвување и менаџирање со Стратегијата за информатичка технологија. Исто така се прецизира дека Министерството за правда се јавува само како корисник на статистичките податоци од овој систем со што ќе се надмине сегашниот проблем на невоедначени  статистички податоци по правосудните институции. Оваа измена е неопходна за периодот што следи во однос на оценувањето на областа правосудство во процесот на Евро-атланската интеграција.

Со членот 33 се пропишува обврска на судот во услови на штрајк задолжително да врши прием на писмена. Оваа измена е со цел да се заштитат правата на странките  во однос на запазувањето на пропишани процесни рокови.

Со членот 34 се уредува составот на работното тело за стандардизација на постапките во судовите пред Врховниот суд на Република Македонија.

Со членот 35 се предвидува рок од три месеци за формирање на Работното тело за стандардизација на постапките во судовите.

Членот 36 го предвидува влегувањето во сила на законот.“

Законската рамка за судовите и за Судскиот совет се подготвува според мислењето на Венецијанската комисија

Советот за реформи на правосудниот сектор ги слушна забелешките на Венецијанската комисија за законите на судови и за Судскиот совет

Мислењето за измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет на пленарна сесија на Венецијанската комисија

М.В