Што се предвидува во новиот Закон за учебници, кој е во собраниска процедура
Владата во Собранието го поднесе новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование.
Потребата од воведување на целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали, се вели во законското образложение, е резултат на постојаните реакции од засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и родителите/старателите за квалитетот на учебниците (нивно повлекување поради стереотипи, предрасуди, материјални грешки и други недоследности) и комплицираните постапки за нивно одобрување.
„Со овој закон се очекува, пред сѐ, да се подобри квалитетот на учебниците во основното и средното образование: со подобрување на јазикот (авторскиот јазик, стилот на изразување на авторите, како во оригиналните ракописи така и во преводот на учебниците), избегнување на премногу академски и висок стил, кој не е разбирлив за учениците, да се даде едноставно, јасно објаснување на концепти, поими, појави, со што е можно поедноставен, но прецизен јазик. Во учебникот и наставниот материјал да има практични примери и објаснување на јазик близок на секојдневниот кој детето може да го разбере и да ја замисли појавата во стварност. Применливоста не треба да се состои само во нудење вежби, туку и нудење примери во самата експликација и поедноставување на јазикот. Сето ова треба да придонесе за подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта“, се вели во образложението.
Според предложениот закон, учениците од првиот период (прво, второ и трето одделение) во основното образование користат учебници во печатена форма за наставните предмети Мајчин јазик, Математика, Општество, Природни науки и Англиски јазик, а за останатите наставни предмети користат учебници и други наставни и дидактички материјали во печатена и/или електронска форма.
Учениците од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години на средното образование користат дигитални учебници и други наставни и дидактички материјали во електронска форма кои се поставуваат на интернет-платформа.
Во законот се дефинира дека дигитален учебник е учебник во електронска форма кој според структурата е идентичен со учебникот во печатена форма, но е збогатен со мултимедијални содржини што претставуваат надополнување на основниот текст/лекцијата со филмови, анимации, видеоприкази, галерија на слики и задачи, што овозможува побрзо достигнување на очекуваните резултати од учење/целите во согласност со наставните планови и програми за основното и средното образование.
За учениците во основното образование учебниците задолжително се поставуваат и во аудиоформат на интернет-платформата.
За учениците со оштетен вид (слепите и слабовидните ученици) Министерството за образование и наука обезбедува учебници отпечатени со Брајово писмо.
Во предлог-законот се забранува и дискриминацијата. Во учебниците и другите наставни и дидактички материјали, се пропишува во законот, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
МОН во врска со новиот Закон за учебници чија цел е дигитализација на учебниците
МОН подготвува нов Закон за учебници
МОН: Во тек е подготовка на целосно нов Закон за учебници
М.В