/ Прочитано:

15.247

Што сe предвидува во предлог-законот за употреба на јазиците според законското објаснување

Законското објаснување на содржината на одредбите на предлог-законот за употреба на јазиците

 Предлог-законот за употреба на јазиците содржи 25 члена. Со член 1 е пропишано дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик и неговото писмо (албански), согласно овој закон. Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон. Исто така, и во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Во член 2 е уредено дека граѓаните имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма од член 1 став (1) и (2) од овој закон, а институциите од член 1 став (3) од овој закон, како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во која било постапка, како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо. Во согласност со правото на граѓаните да употребуваат кој било од наведените службени јазици од членот 1 став (1) и (2) од овој закон во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување санкции, како и другите постапки предвидени со други закони, судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици од член 1 став (1) и (2) и нивните писма во тие и други постапки. Во институциите од член 1 став (3) од овој закон на државната власт во Република Македонија службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо во: комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт (Собрание на Република Македонија, претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд наРепублика Македонија, народен правобранител на Република Македонија, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

Член 3 се однесува на употребата на јазикот од страна на избраните или именуваните функционери во институциите наведени во член 1 и 2 од овој закон. Имено, со овој член е пропишано дека избрани или именувани функционери на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и други институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери збори службен јазик различен од македонскиот јазик.

Со член 4 се уредува материјата за употреба на јазиците во Собранието на Република Македонија. Имено, согласно овој член, во работата на Собранието на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Во став (2) е предвидено дека пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија на седница на Собранието на Република Македонија и седници на работни тела зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија. Во став (3) е уредена употребата на јазиците од страна на пратеник кога претседава со седница на собрание или седници на работни тела. Имено, согласно овој став, пратеник што зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% граѓаните во Република Македонија, кога претседава со седница на собрание или седници на работни тела, истите ги води на тој јазик. Со став (4) е пропишано дека пратеник што зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите навремено ги добива, односно доставува и на неговиот јазик и писмо за да послужат на седница на собрание или седници на работни тела. Исто така, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите навремено ги добива, односно доставува и на неговиот јазик и писмо за да послужат во собраниски седниците и седниците на работните тела, што е уредено во став (5) од овој член. Во став (6) е пропишано дека стенограмите од седница на Собранието на Република Македонија и од седници на работни тела, како и другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. Последниот став од овој член се однесува на објавувањето на законите и другите акти донесени од Собранието на Република Македонија. Имено, согласно овој став, сите закони и други акти донесени од страна на Собранието се објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во член 5 е уредена употребата на јазиците во Владата на Република Македонија. Во став (1) од овој член е пропишано дека во работата на Владата на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. Согласно овој член, предвидено е седниците на Владата на Република Македонија да се водат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во став (3) е уредено дека кога со седниците на Владата, на комисиите, како и на генералните колегиуми, претседава избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, истите ги води на тој јазик и писмо. Во став (4) е пропишано дека избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, на седница на Владата, на комисиите на Владата и на генералните колегиуми зборува и на тој јазик. Исто така, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој јазик го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, материјалите навремено ги добива, односно доставува и на неговиот јазик и писмо за да му послужат на седница на Владата, на комисија или на генерален колегиум, што е пропишано во став (5) од овој член.

Согласно став (6) стенограмите од седница на Владата, од седница на комисии и генерални колегиуми, како и другите материјали и документи се издаваат и се чуваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. Став (7) од овој член регулира дека сите акти донесени од страна на Владата се издаваат и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.Во член 6 е уредена материјата за употреба на јазиците во институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон. Имено, во ставот (1) од овој член е пропишано дека институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата и постапките да се одвиваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Во став (2) е пропишано дека сите одлуки и други акти, како и легитимациите што произлегуваат од надлежноста на институциите од член од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции се на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Во став (3) е пропишано дека избрано или именувано лице кое зборува јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, личното име во одлуките и другите акти во рамките на надлежностите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции, го пишува на својот јазик и писмо. Исто така, со овој член е пропишано и дека веб-страниците на институциите од член 1 на овој закон и содржината на веб-страниците покрај на македонскиот јазик и неговото писмо, задолжително се објавуваат и на јазикот различен од македонскиот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во член 7 од предлогот е уредена материјата за јазикот на пишување на називите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон. Имено, согласно овој член, називите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, како и на англиски јазик. Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Во став (3) од овој член е пропишано дека називите од став (1) и (2) ќе се напишат со идентичен фонт и големина на двата службени јазици од членот 1 став (1) и (2) од овој закон. Исто така, печатите на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон и сите други институции со седиште во Скопје или во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се испишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Буквите на печатите од став (4) на овој член ќе бидат испишани со идентичен фонт и големина на двата службени јазика од член 1 став (1) и (2) од овој закон. Во став (6) од овој член е пропишано дека институциите од став 1 на овој член ќе овозможат и ќе придонесат во работата ефективно да се користат, употребуваат и применат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 8 е уредена материјата за јазикот на поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон и бандеролите. Имено, согласно овој член тие се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, бандеролите се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Исто така, книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Во став (3) е пропишано дека униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во член 9 е уредено користењето на јазиците во судските, управните, извршните постапки, постапката за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарничи постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и институции. Во наведените постапки, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Сите постапки од став (1) на овој член се водатна македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Исто така, сите одлуки, писмени и други акти што произлегуваат од постапките од став (1) на овој член се донесуваат и се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Во став (4) од овој член е пропишано и дека институциите наведени во став (1) на овој член се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат. Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката преставува суштинска повреда на постапката. Во став (6) е предвидено дека називите на институциите наведени во став (1) на овој член во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Во став (7) е пропишано дека во институциите наведени во ставот (1) на овој член со седиште во подрачје кое опфаќа повеќе основни судови од кои најмалку еден од нив се наоѓа во единица на локална самоуправа во кое се зборува службен јазик различен од македонскиот, а кој го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија, називите исто така ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Материјата за трошоците што настануваат од преведувањето за странките и учесниците во постапката, како и трошоците за судски преведувач што настануваат со примена на одредбите на овој закон се уредени во ставот 8 во кој е предвидено дека тие паѓаат на товар на средствата на Институциите наведени во ставот (1) на овој член.

Во членот 10 е уредена употребата на јазиците во постапките пред нотарите и пред извршителите. Согласно овој член, во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки може да се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Во постапките пред извршител доколку учесник е лице кое го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија, налозите, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти на извршителите се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Во член 11 е регулирана материјата за употреба на јазиците во сферата на извршувањето на санкциите. Имено, институциите надлежни за управување со институциите за извршување санкции, како и самите институции надлежни за извршување санкции се обврзани во комуникацијата и постапките да го применуваат македонскиот јазик и неговото писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку лицето за кое станува збор зборува јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Институциите надлежни за управување со институциите за извршување санкции, како и институциите надлежни за извршување санкции се обврзани да овозможат лицата што се наоѓаат во овие институции да се обратат и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 12 е пропишано дека матичните евиденции во Скопје и единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се водат и на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Решенијата, изводите, потврдите, како и другите акти се издаваат и на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Личните документи и патните исправи на граѓаните кои зборуваат на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, по службена должност се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 13 е уредена материјата за јазикот и писмото на печатење на образецот на личната карта. Имено, на граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, образецот на личната карта се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Во член 14 е уредена материјата за јазикот и писмото на печатење на образецот на пасошот и патниот лист. Имено, на граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно барање, образецот на патната исправа и патниот лист се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците што се внесуваат во патната исправа и во патниот лист се запишуваат и на тој јазик и писмо. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Македонија, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во патната исправа се запишуваат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Во член 15 е пропишано дека на седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 16 е уредено дека име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје,се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, како и на јазиците што се општо прифатени од меѓународната заедница. На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 17 се предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, кои се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, се објавуваат на македонскиот јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Во член 18 е пропишано дека заради остварување на целите на овој закон, промовирање, заштита и воедначена примена на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо се основа Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија со својство на правно лице, надлежен за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо со помошни тела за поддршка на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и сите други институции. Директорот на Агенцијата го избира Владата на Република Македонија по претходно објавен јавен повик со мандат од 4 години со право на реизбор. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи се вработуваат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Директорот ја претставува Агенцијата, раководи со нејзината работа, ги врши работите определени со овој закон и донесува годишна програма за работа на Агенцијата. Директорот поднесува извештај за работата на Агенцијата до Владата на Република Македонија најмалку еднаш годишно до 31 март во тековната година за претходната година. Средствата за работа и функционирање на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Во членот 19 се пропишано надлежностите на Агенцијата, и тоа:

– поддршка на институциите во остварувањето на обврските од овој закон вклучувајќи превод и лекторирање документи;

– лекторирање на сите акти што се објавуваат во Службен весник на Република Македонија;

– промовира и презема мерки за унапредување на употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија;

– изготвување извештаи за информирање на Владата на Република Македонија за спроведување на нејзините надлежности;

– за потребите на Владата на Република Македонија да подготвува стручно-аналитички материјали од своја надлежност;

– дава стручни мислења по материјалите што се во функција на спроведување и унапредување на употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија;

– други работи поврзани со спроведувањето на целите утврдени во овој закон.

Значајна новина што се воведува со овој закон е Инспекторатот за употреба на јазиците. Имено, со членот 20 е пропишано дека за надзорот над целосно и доследно спроведување на одредбите на овој закон кои се однесуваат на употребата на јазиците, се формира Инспекторат за употреба на јазиците (во натамошниот текст: Инспекторатот), во состав на Министерство за правда со својство на правно лице. Инспекторатот ќе се регулира со посебен закон.

Во член 21 е пропишано дека Владата на Република Македонија и сите институции надлежни за спроведување на одредбите од овој закон, ќе донесат мерки за промовирање на примената на сите службени јазици, како и за гарантирање на заштитата на јазиците на другите заедници чиј мајчин јазик не е службен јазик.

Во член 22 е пропишана прекршочна одговорност и соодветни глоби.

 Во член 23 се пропишани роковите за обврските на повеќе субјекти кои тие треба да ги преземат за имплементирање на законот. Имено, предвидено е во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон. Исто така, предвидено е во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, институциите се обврзани да ги спроведуваат обврските наведени во член 7 од овој закон. Владата на Република Македонија веднаш после влегувањето во сила на овој закон ќе развие програма за покренување на јавната свест за примената на овој закон. Исто така, во овој член е предвидено дека во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон. Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.

Со член 24 е предвидено дека со донесувањето на овој закон престанува да важи Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/08 и 100/11).

Во член 25 е уредено влегувањето во сила на овој закон.

ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ: Образложение и законски одредби

М.В