/ Прочитано:

4.443

Што се предвидува во предложените измени на Законот за данокот за добивка

Министерството за финансии го објави текстот на измените на Законот за данокот за добивка. Целта на Предлог-законот, велат од Министерството, е појаснување и допрецизирање на одредбите од законот кои се однесуваат на трансферните цени и непризнатите расходи и други прашања, а во насока на поедноставување на нивната практична имплементација. Предложените измени на Законот за данокот на добивка може да се коментираат на следниот линк.

Во Извештајот за процена на влијанието на регулативата се посочува дека предложените решенија предвидуваат:

„- Прецизирање дека непрофитните организации не се обврзници за данок на добивка, освен кога истите, покрај нивното непрофитно делување, во текот на годината оствариле приходи од вршење стопанска дејност.

Во тој случај, тие стануваат обврзници за пресметување и плаќање на данокот на добивка, но само за приходите од вршење стопанска дејност. Ова се уредува со цел да се  избегне појавата на нелојална конкуренција во однос на  субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува. Непрофитните организации ќе станат обврзници за данокот на добивка доколку вкупниот годишен приход од вршењето стопанска дејноста е поголем од 2.500 евра во денарска противвредност.  Истите ќе имаат обврска да платат данок во висина од 1% од износот на остварениот вкупен приход од вршење стопанска дејност намален за износот на даночното ослободување од 2.500 евра.

– Допрецизирање на непризнаените расходи за даночни цели, односно пропишување дека таков третман ќе имаат  трошоците за исхрана на вработените кои работат ноќно време, над износите утврдени со закон;  трошоците по основ на уплатени премии за животно осигурување и уплатените придонеси во доброволен пензиски фонд над износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Македонија, на годишно ниво по вработен; трошоците за донации во спортот согласно членот 30-а од овој закон и трошоците за нето износот на примањата на вработените по основ на  деловна успешност кои што заедно со пресметаната плата го надминуваат износот на највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите согласно закон,

– Допрецизирање на утврдувањето на даночната основа за пресметување на данокот на добивка, со вклучување и на помалку искажаните приходи, со оглед на тоа дека во услови на позитивна разлика помеѓу цената на трансакцијата утврдена во согласност со принципот на “дофат на рака (arm’s length principle)” и трансферната цена, компанијата искажува помалку приходи,

– Уредување на даночниот третман на трошоците за амортизација на средствата. Се пропишува дека како непризнаени расходи за даночни цели ќе се сметаат трошоците  за амортизација на ревалоризираната вредност на материјалните и нематеријалните средства, односно дека амортизацијата на средствата ќе се признава како расход во даночниот биланс до износот пресметан на набавната вредност на средствата со примена на амортизационите стапки утврдени со Номенклатурата на средствата за амортизација. На овој начин се враќааат во примена одредбите кои го уредуваа ова прашање пред да се воведе системот на оданочување на распределбата на добивката во вид на дивиденди и други распределби,

– Бришење на условот за постоење на донесена правосилна судска одлука со цел трошоците за исправка на вредноста на ненаплатените побарувања да се  признаваат како расход, со оглед на тоа дека истиот не е применлив во пракса,

– Доуредување на одредбите кои се однесуваат на трансферните цени. Конкретно се дефинира принципот ‘‘дофат на рака“; се прецизира дека непризнаен расход и помалку искажан приход за даночни цели претставува позитивната разлика меѓу цената на извршената трансакција на средствата или создавање обврски меѓу поврзани лица – трансферната цена и пазарната цена; се пропишува можноста при утврдувањето на цената на трансакциите во согласност со принципот “дофат на рака“ да се користат: методот на споредлива неконтролирана цена; методот на трговски цени; методот на цена на чинење зголемена за вообичаена заработувачка; методот на трансакциска нето маржа; методот на поделба на трансакциска добивка и кој било друг метод доколку не е можна примената на претходно споменатите методи. Се пропишува обврска за обврзниците да со поднесувањето на  даночниот биланс приложат извештај или извештај во скратена форма за трансакциите со поврзаните лица. Со цел да се намали финансискиот товар за малите и средни компании кој би настанал при обезбедувањето на споменатиот извештај и потребната документација, се предлага обврската за доставување на извештајот да не се однесува  за  обврзниците кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ помал од 60.000.000 денари. Во слична насока, за обврзниците чија вкупна вредност на трансакциите со поврзаните лица во текот на годината не надминува 10.000.000 денари, или имаат трансакции само со поврзани кои се резиденти на Република Македонија, се предлага олеснување во смисла да поднесуваат извештај во скратена форма.

– Бришење на исклучокот за банките и другите овластени кредитни институции да не се третираат како поврзани лица за целите на утврдување на каматите по заеми како непризнаен расход за даночни цели, со оглед на можноста во пракса и банките да се јават како поврзани лица со некоја компанија,

– Прецизирање на дефиницијата за поврзани лица која се користи во законот,

– Допрецизирање дека и за вратените парични средства кои по својата економска суштина се заеми, обврзникот има право на намалување на даночната основа,

– Појаснување дека правото на намалување на даночната основа по основ на реинвестирана добивка ги вклучува и извршените вложувања во материјални средства кои се набавени преку финансиски лизинг. При тоа се допрецизира дека обврзникот ќе го изгуби ова право доколку ги отуѓи средствата, што е појаснување во однос на постојната формулација која опфаќа пренос на правото на сопственост на средствата,

– Уредување на правото на обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјекти (национални спортски федерации, спортски клубови,  активни спортисти), да му се намали пресметаниот данок на добивка за износот на дадената донација, но најмногу до 50% од пресметаниот данок врз основа на ваучер издаден од Агенцијата за млади и спорт. Се предлага за целите на искористување на ова право, обврзникот да достави до Управата за јавни приходи барање за даночно ослободување за дадената донација. По добивањето на потврда од Управата за јавни приходи по поднесеното барање, обврзникот ќе треба до Управата да достави  известување за извршена донација, по што ќе може да го користи правото на даночно  ослободување. Исто така се предлага обврзникот да го користи споменатото даночно ослободување доколку донира најмногу во еден спортски субјект од секој вид на спорт. Во однос на користењето на даночното ослободување, се предлага обврзникот да има право на намалување на месечните аконтации во висина од дадената донација, но најмногу до 50% од износот на месечните аконтации на данокот на добивка,

– Доуредување на глобите за утврдените направени прекршоци и

– Доуредување на преодните одредби од законот, така што се предлага исплатите на акумулираните добивки за дивиденди и други распределби да се вршат последователно почнувајќи од најрано настанатата добивка, како и дека постои обврска за плаќање на данок доколку компаниите вршат покривање на загубите од акумулираните добивки остварени во периодот од 2009 до 2013 година.“

Се подготвуваат измени на Законот за данокот на добивка

М.В