/ Прочитано:

2.382

Што се предвидува во Законот за спречување и заштита од дискриминација, донесен од Собранието

Собранието го донесе Закаонот за спречување и заштита од дискриминација. Цел на овој закон е обезбeдување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од  дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Со овој закон се уредуваат превенцијата и  забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација како и  составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Со општите одредби во овој закон се обезбедува превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација, како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (член 1). Воедно законот треба да придонесе кон почитување на принципот на еднаквост како  и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи (член 2).

Овој закон се применува на сите државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, правни лица со јавни овластувања и сите други правни и физички лица во областа на: работата и работните односи; образование, наука и спорт; социјална сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и здравствена заштита; правосудство и управа; домување; јавно информирање и медиуми; пристап до добра и услуги; членување и дејствување во политички партии, здруженија, фондации, синдикални или други организации засновани на членство; култура; и сите други области. Воедно се бара прибирње, евидентирање и обработка на податоци, според дискриминаторските основи со цел промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација (член 3).

Во Законот се дефинирани и објаснети изразите кои се користат, како што се еднаквост, лице, лице со попреченост, соодветно приспособување, пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите, маргинализирана група, легитимна и објективно оправдана цел, дискриминација по асоцијација и по перцепција, повеќекратна, повторена, продолжена, интерсекциска дискриминација и тестирање ситуација (член 4).

Со Законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа (член 5). Дадена е општа дефиниција на дискриминацијата односно дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување (член 6). Сепак законот овозможува преземање на мерките и дејствата кои нема да се сметаат за дискриминација со единствена цел да се отстрани нееднаквото уживање на човековите права и слободи се додека не се постигне фактичка еднаквост на лице или група, ако разликувањето е оправдано и објективно, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно соодветни и неопходни (член 7).

Дефиницијата на поимите кои се користат во Законот произлегува од: Директива бр. 2000/78//ЕЗ на Советот од 27 ноември 2000 година зa воспоставување на општа рамка за еднаков третман во вработувањето и занимањетo; Директива бр. 2006/54/ЕЗ на Европскиот Парламент и на Советот од од 5 јули 2006 година за примена на принципот на еднакви можности и еднаков третман на мажите и жените во областa на  вработувањето и професиите, и Директива бр. 2004/113/ЕЗ на Советот од од 13 декември 2004 година со која се спроведува начелото на еднаков третман на мажите и жените во пристапот и обезбедувањето на стоки и услуги.

Втората глава од Законот се однесува на облиците и видовите на дискриминација притоа конкретизирајќи ги одредбите кои се однесуваат на директна и индиректна дискриминација, повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација вознемирување, виктимизација, сегрегација и потешки облици на дискриминација (член 8,9,10,11,12 и13).

Директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа, Индиректна дискриминација постои кога некое лице или група се става во понеповолна положба во споредба со други лица или група лица, преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, освен кога произлегуваат од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни (член 9). Вознемирувањето е дефинирано како несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика. Посебно е дефинирано сексуалното вознемирување како несакано постапување од сексуална природа (член 10).

Виктимизација како посебен облик на дискриминација претставува трпење на штетни последици од страна на лице поради преземање дејства за заштита од дискриминација, односно пријавило дискриминација, почнало постапка за заштита од дискриминација, сведочело во текот на постапката или на друг начин учествувало во постапка за заштита од дискриминација (член 11). Во Законот физичкотоодделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел се смета за сегрегација (член 12).  Како потежок облик на дискриминација во смисла на овој закон ќе се смета дискриминацијата направена смета повеќекратна дискриминација, интерсекциска дискриминација, повторена дискриминација и продолжена дискриминација (член 13).

Третата и четвртата глава се однесува на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и начинот на постапување на комисијата (од член 14 до член 31). Со новиот Закон се предлага Се менува називот на комисијата за заштита од дискриминација во комисија за спречување и заштита од дискриминација во насока на усогласување со предвидените надлежности во законот кои се однесуваат покрај заштитата и на превенцијата; Се додава нов член во законот за „Буџет на комисијата” кој го уредува начинот на финансирање на комисијата; Се менува начинот на реализирање на мандатот на членовите на комисијата, односно при првиот избор и потоа и во иднина се бираат членовите со мандат од 3 и од 5 години, во насока на воспоставување на институционална меморија; Се менуваат условите за избор на член на комисијата, се дополнува со потребно работно искуство, кој во постоечкиот закон не е дефинирано, односно се бара минимум седум години работно искуство од областа на човековите права  од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; Членовите на комисијата добиваат статус на функционери, на тој начин се професионализира комисијата. Имено Членовите на Комисијата ќе имаат статус на именувани лица кои функцијата ја извршуваат професионално и истата е неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место. На членот на Комисијата му престанува јавната функција. Доколку членот на Комисијата пред именувањето бил во работен однос, работниот однос му мирува; Се уредува функционирањето на комисијата по истекот на мандатот на членовите до изборот на нови, односно Членот на Комисијата на кој му е истечен мандатот ќе ја врши функцијата до именување на нов член, но не подолго од три месеци; Се дополнуваат и доуредуваат надлежностите на комисијата, но важно е дека се додава и една нова важна надлежност со која комисијата се обврзува да поведува постапка за заштита од дискриминација по службена должност; Исто така Комисијата со новиот закон го губи правото да не постапува по претставка доколку смета дека нема да биде исполнета целта; Комисијата добива право да дава и упатува општи препораки; Се намалуваат роковите за постапување по претставките и носење на одлуки од страна на комисијата/ од 90 на 60 дена за носење на одлука од страна комисијата; Се воведува нова задолжителна обврска на комисијата да иницира прекршочни постапки пред надлежниот суд во случај кога дискриминаторот не ја отстранил повредата по дадената препорака и рок од страна на комисијата; Се доуредува начинот на вршење увид во документи и простории од страна на комисијата за случаи на дискриминација; Се воведува стручна служба за комисијата.

Петата глава се однесува на Судската заштита. Се воведува “Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес” со која Здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Со ова се укинува потребната писмена согласност од странкте доколку се работи за група и здруженијата ќе имаат право да поднесуваат тужби доколку го докажат својот  интерес, а не како досега да учествуваат единствено како сопарничари во постапката; Товарот на докажување со овој предлог закон преминува на тужениот кој ќе треба да докаже дека не постои дискриминација и во судската постапка и во постапката пред Комисијата; Се воведуваат нови докази во постапката за дискриминација: статистички податоци и ситуационо тестирање; Се ослободуваат од судски трошоци лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација;

Шестата глава се однесува на Прекршочните одредби. Глобите се дефинирани да бидат ефикасни, пропорционални и превентивни согласно Законот за прекршоците и ЕУ Директивите.

Седмата глава се однесува на преодни и завршни одредби со кои се уредува стапувањето на сила на законот“, се наведува во законското образложение.

Јавна расправа за Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Законот за заштита од дискриминација ги штити правата на граѓаните, вели министерката за труд

Законот за спречување и заштита од дискриминација пред пратениците

Нов Предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација

Став и анализа на Блупринт за укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

За укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Уставниот суд го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација

М.В