/ Прочитано:

6.926

Што се предвидува во законските измени за сообраќајот, кои се во собраниска процедура

Во собраниска процедура се предложените измени  на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Предлагач на измените е Владата.

Со предложените измени мандатниот платен налог се заменува со прекршочниот платен налог и во таа насока се бришат дел од одредбите кои се однесуваат на регистрирањето негативни бодови.

Во предложените измени се дефинира дека електричен тротинет е возило со најмалку две тркала, кое се движи на електричен погон со помош на електромотор и батерија која се полни со електрична енергија. Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци, се пропишува во законските измени. Деталите за законските обврски на возачите на тротинети може да се погледнат на следниот линк: Новите законски обврски за возачите на електрични тротинети.

Законските измени имаат новини и за технички неисправните возила и за изрекувањето на санкцијата – престанок на важење на возачка дозвола.

Образложението на законските новини

„Во однос на физичките лица со предложениот текст се врши усогласување во насока на бришење на мандатен платен налог, кој не е предвиден во новиот Закон за прекршоците и за досегашните прекршоци за кои беше предвидено издавање мандатен платен налог предвидено е издавање прекршочен платен налог, изрекување на глоба.

Во однос на прекршоците направени од страна на правните лица се предвидуваат глоби во распон, имајќи ја предвид големината на правното лице (за микро трговци; за мали трговци; за средни трговци и за големи трговци).

Во однос на одговорното лице во правно лице се предвидува глоба во фиксен износ од 500 евра во денарска противвредност.

Покрај наведеното, со предложениот закон се врши и допрецизирање на конкретни одредби, со цел содржинско односно нормативно-правно подобрување на одредени законски решенија, а во насока на доследна практична имплементација.

Имено, со предложените измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за првпат се уредува материјата поврзана со учеството во сообраќај на електричните тротинети, со дефинирање на поимот „електричен тротинет“ и дефинирање на условите за нивно учество во сообраќајот (утврдување на сообраќајните површини на кои може да се движат, брзината на движење, возраста на лицето кое управува со нив, користење на заштитна опрема, употреба на светла). (членови 1, 67, 68 и 75 од предложениот закон).

Истовремено, со предложените измени и дополнување се излегува во пресрет на барањето на повозрасните возачи – учесници во сообраќајот, во насока на зголемување на старосната граница во поглед на важењето на возачката дозвола (од досега предвидените 70 години старост – на 75 години старост). (член 173, 184 и 185 од предложениот закон).

Поради зачестено учество во сообраќајот на технички неисправни возила, возила кои предизвикуваат голема бучава која сериозно го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци, со предложените измени и дополнувања се предвидува можност за времено одземање на наведените возила од 90 дена. (член 193 од предложениот закон).

Постапувајќи по заклучок на Владата на Република Северна Македонија во однос на предвидување на издавање решение за режим на сообраќај за приклучок на концесиони полиња, извршена е интервенција во член 196 од предложениот закон.

Со цел санкционирање на учесниците во сообраќајот – возачи, кои почесто се јавуваат во улога на сторители на посериозни прекршоци во сообраќајот, кои се најчеста причина за сообраќајни незгоди со потешки последици, се предлага изрекување на санкција-престанок на важење на возачка дозвола од категоријата за која им била изречена прекршочната санкција – забрана за управување, доколку во период од една година од денот на правосилноста на одлуката сториле друг сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило, изречена за истата категорија. (член 215 од предлог законот).

Воедно, со предложениот закон се врши и усогласување со Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/19)“, се вели во законското образложение.

Новини во Законот за безбедност на сообраќајот за казнената политика и за електричните тротинети

МВР подготвува измени на повеќе закони заради усогласување со новиот Закон за прекршоците во делот на глобите

Глобите за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи кои се гаранција за безбеден сообраќај

М.В

Новини во Законот за безбедност на сообраќајот за казнената политика и за електричните тротинети

МВР подготвува измени на повеќе закони заради усогласување со новиот Закон за прекршоците во делот на глобите

Глобите за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи кои се гаранција за безбеден сообраќај

М.В