/Прочитано:

310

Што треба да знаете за дебитните и кредитните картички?

Народна банка објави нов текст од серијалот текстови „ЕКОНОМИЈА ЗА СЕКОГО: Што треба да знаете за дебитните и кредитните картички?“

Платежните картички се стандарден финансиски производ и еден од основните инструменти за безготовинско плаќање, со широка употреба низ светот. Главната предност на платежните картички е брзината на извршување на трансакциите, без потреба од држење готовина, како и нивната широка прифатеност низ продажните места, како во рамки на домашната економија, така и во странство. Најчесто користени се картичките со дебитна и картичките со кредитна функција, односно дебитните и кредитните картички.

Дебитните картички се поврзани со банкарска сметка и му овозможуваат на имателот (физичко или правно лице) да повлекува готовина од картичката со посредство на банкомат или да врши плаќање на купените стоки и услуги, на физичко место на продажба – ПОС-терминал (англ. Point of sale) или на виртуелно место на продажба, односно преку интернет. Секоја од овие активности доведува до задолжување на банкарската сметка со која е поврзана дебитната картичка. Задолжувањето, односно повлекувањето средства од банкарската сметка може да биде без одложување (веднаш) или со утврдено временско одложување (по утврден временски период).

Најчесто дебитните картички се поврзани со трансакциска (платежна) сметка – сметка на која се евидентираат паричните приливи и одливи на лицето што ја поседува картичката. Банката и клиентот може да се договорат за дозволено пречекорување над износот на состојбата на сметката. При користење дополнителни средства во рамки на износот на дозволеното пречекорување (износ на негативно салдо или популарно „одобрен минус“), издавачот на платежната картичка вообичаено наплаќа камата. Клиентите редовно треба да ја следат динамиката на користење на дозволеното пречекорување (преку извод од банка или друг начин на информирање од банката) и соодветно да ги приспособат своите трошења во дадената рамка. Вообичаено, банките во своите системи имаат вградено контролни механизми коишто не дозволуваат клиентот да троши повеќе од „одобрениот минус“ (неможност за повлекување/трошење средства над тој износ).

Кредитните картички може да не се поврзани со конкретна сметка и преку нив на имателот му се овозможува користење средства во висина на одобрениот кредитен лимит (кредитна линија). Износот и временскиот период во кој може да се користи кредитниот лимит, како и висината на каматната стапка којашто се применува на искористените средства, се регулираат со договор меѓу клиентот и издавачот на кредитната картичка. На одреден датум во месецот, банката врши увид во користењето на картичката и обемот во кој бил користен кредитниот лимит. Потоа, во зависност од условите дефинирани во договорот, банката му доставува на сопственикот на кредитната картичка месечен извештај, кој содржи и информација за минималниот износ што треба да го отплати.

Минималниот износ за отплата вообичаено се поставува на ниско ниво (најчесто од 3 до 10% од искористениот кредитен лимит), но сопственикот на картичката има можност да уплати повеќе од минималниот износ. При уплата само на минималниот износ, клиентот треба да се информира за неговото значење за натамошните отплати и за евентуалните дополнителни трошоци на заостанатиот долг, што може да биде различно од еден до друг издавач на кредитна картичка.

Во најголем број случаи, за месечните уплати на минималниот износ со кој се намирува дел од долгот направен со користење на кредитна картичка се користи т.н. траен налог, со кој сопственикот на кредитната картичка ја овластува банката автоматски да ги одземе средствата од неговата сметка на предвидениот датум за точно дефинирана намена. Ова наметнува потреба имателот на картичката да се грижи да има задоволително салдо на сметката на договорениот датум за пренос на средства и отплата на долгот од картичката.  Треба да се има предвид дека банките вообичаено за одреден период (различен по банки) толерираат задоцнување во однос на уплатата на минималниот износ, но тоа укажува на потребата клиентот во тој период соодветно да ги насочи приливите за отплата на долгот од картичката. Сепак, доколку по тој период не се намири долгот, квалитетот на побарувањето се влошува. Банката има право да пресметува казнена камата на неисплатениот долг. Доколку исплатата на долгот доцни повеќе од 90 дена, станува збор за т.н. „нефункционално побарување“ и банката пристапува кон процедурата за ваков тип побарувања и преземање мерки за наплата на долгот.

Дозволеното пречекорување на дебитната картичка и кредитниот лимит на кредитната картичка (искористениот и неискористениот износ) влегуваат во кредитната изложеност на банката кон клиентот, односно и двете категории упатуваат на долг на клиентот кон одделна банка. Тоа значи дека при евентуално барање за кредит, банката ќе ја земе предвид задолженоста врз основа на дозволено пречекорување кај дебитната картичка и кредитен лимит кај кредитната картичка (кај истата банка и кај други банки). Главните разлики меѓу користењето на дозволеното пречекорување кај дебитната картичка и кредитниот лимит кај кредитната картичка, во споредба со користење потрошувачки кредит, е што потрошувачкиот кредит е вообичаено на поголем износ, понекогаш за конкретна намена, што наложува потреба од подетална кредитна анализа од страна на банката при неговото одобрување. Процедурата околу одобрување средства врз основа на картички е поедноставна, но вообичаено се работи за помали износи. Притоа, особено едноставна е процедурата за одобрување средства врз основа на картички во банката во која ја држите и трансакциската сметка, на која ја примате платата, односно имате редовни приливи. Дополнителен трошок кај кредитната картичка е и членарината којашто му се наплатува на сопственикот на годишна основа, како надомест за удобноста од користењето на картичката.

Банките вообичаено доставуваат извештај до клиентот на редовна основа, најчесто еднаш месечно, за сите трансакции со конкретната картичка. Информирајте се кај банката за начинот на кој доставува ваков извештај (по пошта, по електронски пат), изберете начин којшто најмногу ви одговара и внимателно проверувајте го извештајот, заради ефикасно управување со паричните средства.

Што треба да знаете при користењето дебитни и кредитни картички?

Платежните картички се универзален, светски прифатен инструмент за безготовински плаќања, кој поради низата предности во однос на брзината и едноставниот начин на употреба, како во земјата, така и во странство, има широка употреба во светот. Платежните картички даваат и можност за дополнително финансирање од страна на издавачот, со однапред дефинирани услови, што овозможува средства за дополнителна потрошувачка. Сепак, користењето на дозволеното пречекорување на дебитните картички и кредитниот лимит на кредитните картички е, всушност, користење кредитен производ за кој банката наплаќа камата, што бара внимателност од страна на клиентот, со цел да се избегне презадолженост. Затоа внимателно управувајте со вашите картички и редовно проверувајте ги извештаите од банките.