/ Прочитано:

1.477

Што треба да знаете за колатералот при барање кредит од банка?

Народната банка објави  нов текст од серијалот текстови Економија за секого: Што треба да знаете за колатералот при барање кредит од банка?

„Наједноставно кажано, колатералот е некој вид имот приложен од страна на клиентот, како гаранција или обезбедување во однос на идната отплата на кредитот којшто банката би му го одобрила на клиентот. Различни видови недвижен и подвижен имот можат да послужат како колатерал, како што се: станови, куќи, деловни простории, автомобили, опрема, хартии од вредност, депозити, побарувања. Во случај клиентот да не може да го врати кредитот, банката има право да го преземе имотот и преку негова продажба да ја надомести загубата врз основа на ненаплатениот кредит.

Приложувањето колатерал е вообичаен критериум при одобрување на долгорочните станбени кредити, каде што периодот на отплата е подолг и следствено и преземениот ризик на банката е поголем. Приложувањето недвижен имот како гаранција или обезбедување за кредит во практиката е познато и како хипотека, па оттаму и називот хипотекарни (станбени) кредити. Но, колатерал може да се бара и за други видови кредити, зависно од политиките на банките, коишто самостојно ги пропишуваат условите за кредитирање. На овој начин, банките се штитат од ризикот за ненаплата на кредитот.

Целосниот текст може да се погледне на следниот линк.

„Серијалот Економија за секого содржи текстови коишто накратко обработуваат значајни прашања од доменот на работењето на централната банка, работењето на деловните банки и макроекономијата. Преку едноставен и разбирлив начин, се обидуваме подобро да ги објасниме соодветните теми за да бидат појасни за широката јавност, што би придонело за подигнување на финансиската едукација на населението во нашата земја“, велат од Народната банка.

М.В