/ Прочитано:

1.610

ШТРАЈК НА СУДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: Едночасовен прекин на работата и вршење само на неопходните функции во судовите

Штрајкот е најавен да трае три дена од 23 до 25 март. Во среда и во четврток штрајкувачите ќе ја прекинат работата еден час, додека во петок ќе биде организиран протест кој ќе започне во 12:00 часот пред Собранието на Република Македонија, ќе се одвива и пред Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација, а ќе заврши пред Владата.

Штрајк на судска администрација од 03 декември 2015 година

Преку едночасовен прекин на работата и излегување од зградите на судовите, Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација од среда ќе го актуализираат штрајкот преку кој бараат измени на Законот за судска служба и зголемување на платите на судските службеници, исплаќање на зголемувањето од 5 % на јавната администрација и враќање на работното време од 7:30 до 15:30 часот.

Штрајкот е најавен да трае три дена од 23 до 25 март. Во среда и во четврток штрајкувачите ќе ја прекинат работата еден час, додека во петок ќе биде организиран протест кој ќе започне во 12:00 часот пред Собранието на Република Македонија, ќе се одвива и пред Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација, а ќе заврши пред Владата.

„Освен прекинот на работата на еден час, штрајкот ќе се одржува внатре во судовите, во холот или во некоја заедничка просторија во судовите. Во согласност со законите, ќе се обезбедуваат минимум услови за непречено извршување на функциите на судот и на институциите, односно оние постапки што се со привремена мерка, предмети со притвор, постапките со странски елемент, обезбедувањето докази и тестамент ќе се одржуваат, шалтер-салите ќе работат за прием на нови тужби и поднесоци, а сите останати функции ќе бидат ставени во мирување“, истакна Трпе Дејановски, секретар на УПОЗ и претседател на Штрајкувачкиот одбор.

На 3 декември беше организиран предупредувачки штрајк по кој почнаа преговорите меѓу Синдикатот и Министерството за правда.

Работната група, составена од претставници на Синдикатот на УПОЗ, претставници на ЗСА и претставници на Судскиот совет, подготвила нов Предлог-текст на Законот за судска служба во кој биле опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА.

„Подготвениот Предлог-текст на Законот беше предаден во Министерството за правда и беше побарано итно разгледување, прифаќање на предлозите и отпочнување на постапката за усвојување на новиот текст на Законот за судска служба, но Министерството за правда сѐ уште не се произнесло за предлозите“, информираат претходно од УПОЗ.