Штрајк во фабриката Дрекселмаер во Кавадарци
Вторник, 13 мај 2014 – Стотици вработени од третата смена во најголемата фабрика во Македонија, Дрекселмаер во Кавадарци синоќа не влегоа на своите работни места.
Повод за штрајкот на работниците од третата смена во кавадаречката фабрика „Дрекслмајер“ биле неисплатените празнични дневници за Велигден и изработените прекувремени часови во текот на април.
„Работиме секоја сабота и недела и, по потреба, дополнителни часови, а добиваме плата за 160 работни часови месечно. Ни беше ветено дека за празникот Велигден ќе добиеме ваучери од 1.500 денари за купување во еден продажен објект и дека ќе ни бидат платени по 2.200 денари за работењето за Велигден, но од тоа сето ветување добивме само ваучери од 1.500 денари. Празничните дневници ги нема во платата. Ова ја прелеа чашата и третата смена одлучи да дојде на работа, но да не застанува зад машините“, вели работник во кавадаречки „Дрекслмајер“ за порталот Плусинфо.
Штрајкот, како што пишуваат медиумите, продолжил и во текот на денот. И вработените од втората смена бараат менаџментот да си го исполни ветувањето и да им го исплати бонусот за работа за време на велигденските празници.
Последната информација од раководството на кавадаречки Дрекслмаер е дека во јавноста ќе излезат, откако германските газди ќе им дадат дозвола да го кажат својот став.
Ова не е прв штрајк на вработените во Дрекслмаер. Минатиот месец стотина работници од Велес одбија да заминат на работа поради тоа што наместо два, раководството им пуштило само еден автобус во кој требало да се качат сите работници.
Просечната плата на вработените во Дрекселмаер е 9.000 денари, а компанијата им обезбедува превоз на работниците до фабриката. Таму во моментот работат над 3.500 работници од Кавадарци, но и од околните места – Велес, Неготино, Демир Капија, Градско.