/ Прочитано:

859

Шведска ризикува да и плати на ЕУ милиони евра казна поради смогот

Петок, 4 јануари 2013 – Шведска ризикува да и плати големи парични казни на Европската унија поради лошиот воздух во градовите, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Казните се во висина од половина милион шведски круни дневно во услови на зголемена концентрација на смогот или вкупно околу 180 милиони круни годишно (повеќе од 20 милиони евра).

Пред неколку години Шведска доби пресуда од Европскиот суд на правдата поради тоа што не ги подобрила нормите за квалитет на воздухот во повеќе шведски градови. Но и покрај изречената пресуда, вредностите при мерењето на концентрацијата на смогот продолжиле да се зголемуваат на повеќе места во земјата, над дозволените нивоа.

– Познато е дека смогот во подолг временски период го зголемува ризикот за срцев удар и белодробни заболувања, како и за појава на канцер на белите дробови, вели Ларс Барегорд, професор при Салгернска универзитетска болница во Гетеборг.