/ Прочитано:

2.144

Сигурноста на работното место, платите и потребата од законски измени во фокусот на Протоколот за подобрување на состојбата на работниците

Денеска Сојузот на синдикати на Македонија го презентираше Предлог- протоколот за социјален напредок во Република Македонија. Документот е изготвен во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), социјалниот дијалог ги опфаќа сите видови преговори, консултации или едноставно, размена на информации меѓу претставниците на владата, работодавачите и работниците во врска со прашања од заеднички интерес кои се однесуваат на економски и социјални политики.

Може да постои како трипартитен процес со владата како официјална страна на дијалогот, или може да се состои од бипартитните односи меѓу работниците и раководството (или синдикатите и организациите на работодавачи), со или без индиректна  владина вклученост. Процесите на социјалниот дијалог можат да бидат формални  или институционализирани, а често се комбинација од двете. Може да се одвива на национално, регионално или на ниво на претпријатие. Може да биде меѓу професии, секторски, или комбинација од двете.

За социјалниот напредок, посочуваат од МОТ, потребно е и унапредување на социјалниот дијалог. Оттука, образложуваат од Сојузот на синдикати на Македонија, Протоколот, чија цел е подобрување на состојбата на работниците во насока на социјалниот напредок, претставува клучен документ-платформа за обезбедување на социјалниот напредок во Македонија и е од фундаментално значење за подобрување на состојбата на работниците“, нагласуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.

На денешниот настан по повод презентацијата на Протоколот беше нагласено дека овој документ особено го потенцира зголемувањето на минималната плата, зголемување на договорите за вработување од две на три години, како и прашањето за бенефициран стаж, особено во градежништвото, сообраќајот, железницата и шумарството, како и други професии каде што ќе има потреба.

Протоколот е заснован врз основните уставни начела за економските слободи и социјалните права, прокламираниот концепт и определбата на Република Македонија како социјална држава, концептот за социјални права дефиниран во Европската социјална повелба, темелните конвенции на МОТ, Уставот на РМ и Законот за работни односи.

„Предлог-протоколот за социјален напредок во РМ претставува стратешки документ  чии основни цели се промоција, остварување и подобрување на социјалната и економската положба на работниците на РМ, поттикнување и промоција на процесот на вработување, борба против социјалната исклученост, подобрување и заштита на животните и работните услови, нивото на образование, обука и заштита на здравјето на работниците, зајакнување на социјалниот дијалог, а во насока на обезбедување фундаментално значење на социјалниот напредок и негова примена, предлага утврдување на повеќе цели“, истакнуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Стратешкиот документ предвидува ССМ и социјалните партнери, во интерес на остварување на европскиот социјален модел, да го прокламираат и да се обврзат да реализираат и да вложат заеднички активности за остварување на социјалниот напредок во РМ, кој ќе биде во насока на натамошно остварување, унапредување и заштита на социјално-економските, работно-правните и културно-образовните интереси на работниците во РМ.

Од Сојузот на синдикати нагласуваат дека Протоколот за социјален напредок во РМ ќе се фокусира особено на прашањето за натамошен раст на минималната плата, со цел изработка на заедничка стратегија за зголемување на платите, зајакнување на растот, пополнување на разликите во работните места и секторите, елиминирање на сиромаштијата, нееднаквоста и социјалната исклученост.

Протоколот во интерес на сигурноста на работниот однос ќе се фокусира на решенија со кои ќе се овозможува работниот однос на неопределено работно време при вршење на основната дејност, особено во индустриските зони, да не биде помал од 30% на бројот на вработени кај работодавачот. Во оваа смисла, велат од ССМ, се предвидува и потребата од намалување на периодот за вработување на определено работно време од 5 на 3 односно 2 години, како и дополнителни бенефити за обезбедување на поголема материјална сигурност на работниците за време на невработеност.

Протоколот ќе се фокусира и на измени во работното законодавство кои ќе предвидуваат поцврсти одредби за колективното преговарање и промоција на активности за унапредување на процесот на склучување колективни договори во сите сектори на сите нивоа.

„Во интерес на сигурноста на работниот однос, Протоколот ќе се фокусира на решенија во поглед на работниот однос на неопределено работно време при вршење на основната дејност и на отворање процес за формирање на заеднички фонд за унапредување на социјалниот дијалог, изготвување, потпишување, измени на колективните договори и едукација за колективното преговарање, со тоа што средствата за организирање и работење на фондот ќе се обезбедуваат од сите работодавачи и работници за кои се применува колективниот договор“, истакнуваат од ССМ.

Протоколот за социјален напредок во РМ предвидува и активности на социјалните партнери во изнаоѓање и дополнување соодветна регулатива за обезбедување на можности на бенефициран стаж за оние категории работници за кои е потребно и неопходно, а ќе се залага и за обезбедување на соодветни механизми во делот на зацврстување на активностите кои одат во прилог на спроведување на законската регулатива, поврзана со правата на вработените и отстранување на незаконско однесување од страна на некои субјекти.

Стратешкиот документ, посочуваат од ССМ, предвидува и заеднички активности за зајакнување на капацитетите и едукативните концепти, како и овозможување на користење дополнителни ослободувања при користењето одредени надоместоци поврзани со работата, како и надоместоци и трошоци за остварување на едукативните концепти на синдикатите.

М.В