Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
Мојата љубов кон правото беше сократовска, во смисла на љубов кон мудроста (sophia), зборот и дискусијата (logos). Љубовта како божји дар е неразделна од човечката природа. Јас сум во фатална љубовна врска со правдата и правото, вели Гордана Силјановска, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Како се јави кај вас љубовта кон правото?
Љубовта е поетска игра, а правото – општествена, љубовта е поезија, а правото е норма.
И јас, како повеќето деца, најпрво ја почувствував мајчинската љубов, а потем и онаа меѓу две индивидуи. Во неа нема правила и норми, па секоја љубовна приказна е посебна. Умешноста да се сака се учи преку давање и примање, како што вели Фром.
Човекот е општествено битие. Луѓето треба да живеат во мир, разбирање и љубов. Уште во младоста, пишува Јустејн Гордер во „Светот на Софија“, се прашуваме кои сме, зошто сме тука, каде одиме, како да се однесуваме… Живеењето во општествената заедница ни е „судбина“, од младоста како пролет до староста како зима на нашиот живот. Упатени сме едни на други, интимно и општествено, несовршени, фрагилни и порочни суштества. За да живееме во мир и благосостојба, мора да почитуваме некаков кодекс на однесување, да бидеме одговорни не само кон себе и блиските, туку кон заедничкото добро, да веруваме дека сме „потписници“ на општествениот договор, според кој имаме еднакви права и одговорности кон заедницата, да се водиме од моралниот резон, да развиваме чувство за правда и правичност како филозофска основа на правото.
А, како стоиме јас, правото и правдата? Од дете имав отпор кон неправдата, отворено го манифестирав, протестирав, аргументирав, повикував на еднакви права, се бунтував. Страста (pathos) кон читањето, но и личното соочување со животните предизвици ми помогнаа да ја согледам етичката димензија на правото (ethos), а размислувањето и сомнежот кон нештата го поттикнуваа логосот. Имав среќа еросот, односно љубовта кон моето долгогодишно момче, а потем сопруг, со кој заедно студиравме право, по што станавме и асистенти, да биде пропратен со рамноправна јуристичка битка! Првите плати отидоа на книги, нашите сакани, верни пријатели.
Да заклучам, мојата љубов кон правото беше сократовска, во смисла на љубов кон мудроста (sophia), зборот и дискусијата (logos).
Љубовта како божји дар е неразделна од човечката природа. Јас сум во фатална љубовна врска со правдата и правото. Предавајќи право, јас предавам и за љубовта.
Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?
Се разбира, не се станува добар правник без искрена и голема љубов и страст кон професијата. Кај добриот правник зборовите, ставовите и постапките мора да се во хармонија. Не може да повикувате на право и правда, а да ги кршите во секојдневниот живот. Мора да се борите за нив, да дејствувате просветителски каде и да сте, па дури и во политиката, да инспирирате, да бидете учител и ученик, да давате пример на вљубеник во правото, да ги браните не само позитивистички, туку и јуснатуралистички.
Кои се вашите совети за идните генерации правници?
Најпрво, да знаат дека одбрале извонреден животен повик и професија која секаде во светот е една од најпочитуваните, ако се практикува со љубов, посветеност, дигнитет и интегритет. Да бидат свесни дека ниту една општествена сфера, од политичката преку еколошката до економската, не може да биде успешна без владеење на правото (Rule of Law). Да негуваат љубов кон правдата и етиката, без кои нема право. Критички, а не поданички да се однесуваат кон она што го учат. Да ја користат правната логика, но никогаш не на штета на здравиот разум. Да се залагаат за примена на правото каде и да се, со силата на знаењето и аргументите. Да се борат за јуридизација на политиката, а не за политизација на правото. Ако имаат шанса за усовршување на странски универзитети, да ја искористат, но да се вратат и да се изборат за истите правни стандарди и гаранции и дома. Да станат модел на модерен, компатибилен, европски профил на правници, квалификуван да гради стандардна, европска, правна држава.
- „Од дете се бунтувам за правда“ – Маја Ристова, адвокат
- „Правниците отсекогаш биле носители на интелектуалните движења и промени“ – Иван Дургутов, магистер по право
- „Правото има метафизичка димензија која треба да се почувствува“ – Дарко Павловски, национален правен офицер во Мисијата на ОБСЕ во Скопје
- „Правото, а особено адвокатурата е креативна професија за оние кои го сакаат и го владеат правото“ – Кристијан Поленак, адвокат
- „Бидете правници со интегритет!“ – Александра Груевска-Дракулевски, професор и продекан за настава на „Јустинијан Први“
- Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
- Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“
- „Никогаш не предавајте се затоа што промената почнува од вас самите“ – Дитурие Елези-Незири, судијка во Управниот суд
- „Сите знаења на правниците треба да бидат употребени за подобрување на правната држава“ – Андреј Божиновски, правен советник
- „Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат
- „Без бескрајната љубов кон правото и кон адвокатурата невозможно е да се издржат сите притисоци“ – Петар Трајковски, адвокат
- „Љубовта кон правото нѐ прави истрајни дека правото ќе надвладее“ – Рамије Абдурахими-Цара, судијка во Управниот суд
- „Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик
- Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“
- Наташа Габер-Дамјановска за љубовта кон правото: Привлечност на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение