/ Прочитано:

1.134

Силвио Берлускони осуден на затворска казна од 1 година

Четврток, 7 март 2013 – Судот во Милано денеска го осуди поранешниот премиер Силвио Берлускони на едногодишна затворска казна поради бесправно обелоденување на телефонски разговор кој се одвивал меѓу него и опозициски ривал, а во врска со финансиски скандал од 2005 година. Ова е втора пресуда која ќе се најде пред вторстепениот суд, откако октомври, минатата година Берлускони беше осуден затворска казна од 4 години за затајување на данок. 

Бившиот премиер e осуден бидејќи транскрипт од телефонски разговор прислушкуван од полицијата се најде на страниците на весникот „Ил џорнале“, што е во сопственост на неговиот брат. Се работи за телефонски разговор кој се одвива меѓу Берлускони  и неговиот најголем политички ривал во 2005 година од опозициската левица Пјеро Фасино, истовремено и шеф на финансиската групација „Унипол“. „Унипол“ во 2005 година се обидуваше да ги преземе управувачките права во Банката БНЛ, надлежните органи, пак, во тоа време ги прислушувале телефонските разговори на Фасино како дел од истрагата за нерегуларно преземање на овие права. Транскриптот од разговорите кој се појави во националниот весник претставува обелоденување на доверливи информации, па поради тоа медиумскиот магнат се најде пред суд.  

Извесно е дека Берлускони ќе ја обжали пресудата, а согласно италијанските закони, не може да почне да ја служи казната пред да бидат исцрпени сите правни можности.

Берлускони последниве години беше обвинет за бројни кривични дела меѓу кои затајување данок, измама со филмски права, секс со малолетник, клевета, мито и корупција.

Најновата пресуда доаѓа во време кога против него се водат два судски процеси – еден поради наводното затајување данок кој моментно се наоѓа пред второстепен суд, а другиот поради плаќање сексуални услуги на мароканската проститутка Руби, која во времето на извршувањето на делото била малолетна.  

Екс-премиерот на Италија во сите случаи тврди дека е невин и офрла било каква одговорност. Денешната пресуда е донесена една и пол недела по парламентарните избори во Италија на кои централно-десничарскиот сојуз на Берлускони се најде на второ место по умерената левица.