/ Прочитано:

1.474

Симнати ознаките на Мекдоналдс од рестораните во Центар и Аеродром

Среда, 12 јуни 2013 – Под притисок на централата на Мекдоналдс, по спорното раскинување на Договорот за франшиза меѓу Мекдоналдс и македонскиот носител на франшизата-компанијата “СЈ“, денеска беа симнати сите натписи и трговски марки од рестораните во Центар и Аеродром.

Сопственикот на “СЈ“ компанијата, Светозар Јаневски на прес конференција не ги кажа официјалните причини за одземање на франшизата, но потенцираше дека се работело за ситни формалности во договорот за франшиза. Јаневски истакна дека проблемот веќе се решавал низ институциите и дека за два три месеци ќе имало позитивна разврска.

„Го замоливме Мекдоналдс да ни озвозможи повторно да ги отвориме рестораните и да ги задржиме сите вработени на работа, но тие категорично одбија. Тоа што ги симнавме натписите не значи дека сме се откажале од изнаоѓање разумно решение“, изјави Јаневски.

Седумте ресторани „Мекдоналдс“ беа затворени на 14 мај по прекинувањето на 15-годишниот договор за франшиза.

Компанијата „СЈ“ ја има франшизата на „Мекдоналдс“ од 1997 година кога беше отворен првиот ресторан. Со отворањето на рестораните се обезбеди вработување на повеќе од 200 лица. Од компанијата набрзо по затворањето информираше дека „Мекдоналдс“ франшизата во Македонија, инвестирала шест милиони евра во воспоставувањето на брендот и развојот на бизнисот, со цел задоволување на потребите на потрошувачите.