/ Прочитано:

830

Синдикатите бараат ковид -19 да се признае како професионално заболување

Денеска, претставници од синдикатите здружени во ССМ, меѓу кои и секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, заедно со членовите на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Киро Трајковски, Иван Пешевски, Миќо Стојановски и Игор Герасов, учествуваа на трибина организирана од Сојузот на синдикатите на Македонија на тема „Ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите работници и за отсуството од работа поради зараза, изолација и самоизолација поради изложеност на ковид 19 исплатата да изнесува 100% од основицата утврдена со закон“.

ССМ бара заедничко интегрирано дејствување на социјалните партнери, на научната и стручната јавност, како и на граѓанскиот сектор, затоа што здравите и безбедни услови за работа бараат мултидисциплинарен пристап во решавањето на проблемите.

Неопходно е ефикасно дејствување на инспекциските органи и контрола од нивна страна со цел да се откријат навремено слабостите и да се заменат со решенија кои ќе значат унапредување на здравите и безбедни услови за работа, во согласност со меѓународните стандарди и препораки, пред сѐ, кога станува збор за актуелната состојба на заштита и сузбивање на заразната болест предизвикана од вирусот ковид-19.

Истовремено, Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија во текот на вчерашниот ден на својата седница донесе одлука да се достави барање до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за здравство со барање ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите работници и за отсуството од работа поради зараза, изолација и самоизолација поради изложеност на ковид-19 исплатата да изнесува 100% од основицата утврдена со закон.

М.В