Синдикатите треба да бидат клучна алатка која ќе ги унапредува правата на работниците
Според анализата на Невладината организација „Гласно“ од Штип, чија целна група се работниците од кожарската и текстилната индустрија во Македонија, повеќе од 200 илјади вработени во овој сектор се дискриминирани во споредба со работниците во останатите индустриски гранки.
Сега е вистинско време гласно да се проговори за сите дефекти во македонското општество, гласно да бидат идентификувани сите проблеми со кои се соочува работоспособното население во земјава и да се дејствува во насока на решавање на проблемите и запирање на дискриминацијата кон работниците, велат активистите од граѓанските организации кои работат на програми за унапредување на правата на работниците.
Според анализата на Невладината организација „Гласно“ од Штип, чија целна група се работниците од кожарската и текстилната индустрија во Македонија, повеќе од 200 илјади вработени во овој сектор се дискриминирани во споредба со работниците во останатите индустриски гранки.
„Со постојната трудовоправна регулатива, односно со Законот за работните односи, не се обезбедува заштита на правата на работниците во овие индустрии во поглед на работното време. Од тие причини сметаме дека е потребно законски да се уреди оваа област, така што би постоел посебен закон кој би го регулирал работното време. Подготвуваме и предлагаме законски измени кои ќе се однесуваат на работното време со што работниците од овие индустрии ќе добијат посигурна и поприменлива законска заштита, пред сè, мислам на пристојно време за одмор, како и исплаќање надомест за прекувремените работни часови, вели Горан Трајков од НВО „Гласно“ од Штип.
Трајков нагласи дека работниците од овие две индустриски гранки се обесправени и во однос на минималната плата, која единствено за нив во Македонија изнесува 9 080 денари, а за сите останати е 10 080 денари.
„Сметаме дека тоа е грубо прекршување на работничките права и дека тука мора итно да се направат измени сè со цел да се направи изедначување на минималната плата. Освен тоа, во Законот за минимална плата членот 2, кој се однесува на исполнет нормативен учинок, се злоупотребува од страна на работодавците, така што дел од работниците се под нивото на минималната плата. Тие се платени само врз основа на исполнетиот нормативен учинок. Синдикатите треба да бидат клучна алатка која ќе ги унапредува правата на работниците и мора да бидат основен фактор за отпочнување на социјалниот дијалог“, вели Трајков.
„Загрижува и фактот што работниците во кожарската и текстилната индустрија немаат ниту соодветна здравствена заштита на работните места“, вели Трајков, нагласувајќи дека по задолжителните лекарски прегледи, кај дури 80 проценти од вработените се констатирани респираторни заболувања.
Граѓанските асоцијации сметаат дека во наредните пет години треба интензивно да се работи на програмите за унапредување на правата на работниците, да се постигне еднаквост на сите полиња, а тоа, како што велат, ќе овозможи напредок.
А. Б.