/ Прочитано:

3.248

Синдикатот на културата со забелешки за Законот за култура: Уметниците не се даватели на услуги

„Даватели на јавни услуги“ има за нив поинаква квалификација, која воопшто не кореспондира со примарната задача на уметникот – духовна надградба на читателот/посетителот/гледачот. Поимот „даватели на јавни услуги во културата“ е генерички поим кој е утврден во Законот за вработените во јавниот сектор и поради усогласување на Законот за култура со овој закон, е преземен во Законот за културата, посочија од ресорното министерство. Оттаму додадоа дека со оваа категоризација евидентно е дека не е избришан статусот уметникот, туку напротив – соодветно е респектиран“.

МОБ НАБУКО

„Законот против Уставот. Уставот за културата. Културата против Законот“, под овој наслов Синдикатот на културата на Република Македонија организираше трибина на која се говореше за измените на Законот за култура, со кои, според претставниците на Синдикатот, се предвидуваат само дисциплински мерки и казни. Иако е Законот веќе донесен, со што оваа трибина, како што посочија нејзините организатори, ја има во себе карактеристиката на „постхумна“, сепак, добро е да се слушне гласот на уметникот и гласот на лицата кои се директно вклучени во креирањето и презентирањето на уметничките процеси и заштитата на културното богатство.

Еден од главните аспекти во измените и дополнувањата на Законот за култура, кој им боде очи на уметниците во националните институции во земјата и од кој се крајно револтирани, е статусот кој го добиваат, а кој гласи „даватели на јавни услуги во културата“. Според уметниците, ваквата дефиниција претставува и еден вид навреда бидејќи културата значи темелна вредност на државата. „Даватели на јавни услуги“ има за нив поинаква квалификација, која воопшто не кореспондира со примарната задача на уметникот – духовна надградба на читателот/посетителот/гледачот. Поимот „даватели на јавни услуги во културата“ е генерички поим кој е утврден во Законот за вработените во јавниот сектор и поради усогласување на Законот за култура со овој закон, е преземен во Законот за културата, посочија од ресорното министерство. Оттаму додадоа дека со оваа категоризација евидентно е дека не е избришан статусот уметникот, туку напротив – соодветно е респектиран“.

Претседателот на Синдикатот на културата на Република Македонија, Виктор Илиески, меѓу другото во овој Закон за култура гледа мноштво спорни елементи. Според него, членот 8 од Законот е спротивен на целокупниот уметнички процес бидејќи не може термините ефикасност и ефективност да ја детерминираат креацијата на уметникот, кога уметничкиот чин претставува долгорочен и макотрпен процес.Како Синдикат најмногу се засегнати и фрапирани од донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за култура по итна и скратена постапка во Собранието на Република Македонија, кои беа објавени во „Службен весник на РМ“ на 5 март 2014 година.

Пред сè, нивната фрапираност се однесува на начинот на кој е донесен овој значаен Закон без никакви јавни дебати во кои би биле вклучени културните дејци и без транспарентност. Од Министерството за култура тогаш посочија: „Со донесувањето на овие измени им се овозможува на вработените во културните институции да го изразат својот оперативен и креативен капацитет, како и да може да го остварат својот професионален развој. Измените на Законот се основа и за склучување на нов Колективен договор.“Со овие измени се овозможи и усогласување со Законот за административни службеници и со Законот за вработените во јавниот сектор. Според тоа, вработените во културните институции се утврдени во три групи: вработени во културните институции како даватели на јавни услуги во културата, вработени кои вршат административни работи и вработени кои вршат помошно-технички работи. Со Законот се опфатени и постапките за вработување, унапредување, дисциплинска постапка, престанок на работен однос и друго. Членовите на Синдикатот за култура реагираат токму на овие сегменти, особено на новите договори кои во некои институции од областа на културата се завршени, а во други сè уште не се започнати.

Според Aна Франговска, кустос во Националната галерија на Македонија, понижувачки е процесот на потпишувањето на новите договори кои се на определено време на 5 години. Освен тоа што станува збор за девалвирање на кадарот кој работи во таа институција 10, 15, 20 и повеќе години, за нив е спорен и моментот на спроведувањето на сето ова, како што велат, преку ноќ, без никакво советување со вработените или со двата синдикати (Синдикатот на култура на Р Македонија и СОНК).

Александар Стојчески, вработен во Македонската опера и балет, реагира бидејќи државата заборава дека во нашата земја за ваков тип на уметност постои само една институција. „Уметниците во Македонија немаат друг избор и алтернатива да конкурираат во друг оркестар или друга опера во државата доколку ги спроведат сите мерки на овој закон, кој е направен да се дисциплинира уметноста“, смета тој. Во театарската сфера, во однос на овој Закон најмногу од забелешките се однесуваат на реаудициите кои се организираат на три години, а за кои актерката Сања Арсовска коментира дека е можно да се спроведат по своеволен диктат на директорот на одреден театар со сопствен избор на членови на комисијата во која може да бидат присутни членови кои немаат допирни точки со театарската уметност и кои немаат познавања од неа.

Измените од Законот за култура веќе се спроведуваат во културните институции. Колективниот договор за јавните установи од областа на културата ќе се потпише до крајот на годинава. Нови договори за работа веќе се потпишуваат во институциите. Малкумина од нас разбираат што содржи Законот, што значи Колективниот договор, кои се последиците од потпишување на нов договор за работа, велат од СКРМ и затоа е потребно да се разјаснат многу прашања кои директно ги допираат сите уметници, културните работници, моменталните и идните вработени во јавните институции.

А. Б.