/ Прочитано:

2.233

Сивата економија најголем проблем во сите сектори

Сузбивањето на неформалната економија во Македонија, која изнесува над 30 проценти и која е главниот предизвик за обезбедување поволен деловен амбиент за малите и средните претпријатија, кои се стожер на македонската економија и кои сочинуваат 99,7% од сите компании во земјата со учество од 70% во БДП, и законската регулатива во функција на инвестициите се главните точки за кои дискутираа претседателот на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, и членовите на Управниот одбор  со министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ.

На средбата беше истакнато дека, според анализите на Сојузот, транспортот,  градежништвото, туризмот, угостителството, услужните дејности, потоа земјоделството,  се гранките каде што е најмногу застапена неформалната економија. Поточно, заеднички најголем предизвик за сите регистрирани македонски компании, без разлика на секторот, е токму неформалната економија, која претставува директна нелојална конкуренција и го поткопува развојот на стопанството во Република Македонија.

„Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем. Еден од основните предуслови за обезбедување на одржлив и континуиран економски раст, повисок животен стандард и поволно деловно окружување е да се обезбедат еднакви услови за сите учесници на пазарот, како и да се спречат нелегалните текови на пари. Неформалната економија бележи раст секоја година и доколку не се отпочне со сериозна акција за нејзино сузбивање, финално ќе предизвика и дерегистрирање на оние претпријатија кои работат на пазарот и нивно преминување во сивата зона“, изјави Арсовска и додаде дека сузбивањето на неформалната економија претставува клучен чекор во воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување, рамноправни услови за работа и здрава конкуренција.

Анализите на Светската банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се борат против нерегистрираните или неформални компании во Македонија е 55,5% или најмногу во регионот, пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2 %, Албанија со 40,2%, Србија со 37,5 %  и Словенија со 26,5 %.

Министерот Шапуриќ ја истакна отвореноста за соработка за сите прашања на кои укажаа членовите на УО на Сојузот и укажа на партнерски однос на Сојузот со инспекциските служби со цел конкретно лоцирање и укажување на нерегистрираните субјекти во земјава.

На средбата се дискутираше и за можностите за подобрување на законската регулатива, како и за креирање на нови закони, како што е законското регулирање на ангел-инвеститорите и создавање поволен амбиент за нивен влез, а со тоа и свеж капитал за компаниите.

Околу 70% од МСП се застапени во клучните сектори производство, градежништво, туризам, трговија. Микро, малите и средните претпријатија играат централна улога во Европската заедница.  Потврда за нивното значење во една економија е фактот што во Европската Унија, од 28 земји членки, околу 23 милиони мали и средни претпријатија обезбедуваат околу 75 милиони работни места и претставуваат 99% од вкупните претпријатија. Во земјите во САД и во ЕУ се проценува дека малите и средните претпријатија имаат придонес повеќе од 60 проценти во вработувањето, од 40 до 60 проценти во БДП и од 30 до 60 проценти на извозот.

М.В