/ Прочитано:

1.579

СЈО: Дел од лицата повикани на распит испратија известување дека не можат да дојдат во закажаните термини

Специјалното јавно обвинителство најави интензивирање на работата во втората половина на август. Оттаму наведоа дека лицата кои се повикани ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околностите по повод сите постапки кои се отворени во овој период.

Специјално јавно обвинителство прес за „Титаник“

Иако Специјалното јавно обвинителство најави дека во наредниот период се повикани повеќе лица кои треба да дадат искази пред специјалните јавни обвинители, сепак дел од нив нема да се појават на закажаните термини.

Како што информираат од СЈО, дел од повиканите лица кои не се јавиле на поканите испратиле известувања за причините за нивното нејавување.

„Имајќи го предвид наведеното, ќе бидат испратени нови покани со кои ќе бидат определени нови термини за сослушување“, велат од СЈО.

Поканите за дел од повиканите се вратиле бидејќи најверојатно лицата не биле пронајдени на адресата на која се испратени поканите поради годишните одмори или поради други причини. Пред два дена на распит во СЈО беше повикана поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која требаше да даде исказ во врска со предметот „Тврдина“, во кој се јавува како осомничена. Телевизијата „Алсат – М“ објави дека Јанкулоска не дошла во СЈО вчера кога било договорено да изврши увид во доказниот материјал за уништувањето на системите за прислушување, иако увидот во доказите беше нејзино барање.

Покрај неа, во вторникот во СЈО беше повикан и Тони Јакимовски кој е исто така осомничен во предметот „Тврдина“.

Специјалното јавно обвинителство најави интензивирање на работата во втората половина на август. Оттаму наведоа дека лицата кои се повикани ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околностите по повод сите постапки кои се отворени во овој период.

„Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушувани разговори. Поради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“, информираше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во писмена изјава.

На 15 септември, Специјалното јавно обвинителство треба да го објави извештајот за едногодишната работа. Ова ќе биде втор извештај на СЈО кое, според Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, треба да изготвува извештај за работењето на секои шест месеци и да го достави до Советот на јави обвинители и до Собранието.

М. С.