СЈО го бара предметот за Божиновски од Обвинителството за организиран криминал и корупција
Во соопштението од СЈО се наведува дека предметот против обвинетиот Божиновски е дел од случајот „Шпион“, за кој Специјалното јавно обвинителство веќе има воспоставено надлежност.
Специјалното јавно обвинителство и официјално доставило барање за преземање на предметот за Зоран Божиновски од Обвинителството гонење на организиран криминал и корупција.
Во соопштението од СЈО се наведува дека предметот против обвинетиот Божиновски е дел од случајот „Шпион“, за кој Специјалното јавно обвинителство веќе има воспоставено надлежност.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција во моментов немаат одговор на прашањето дали ќе му биде предаден предметот за Божиновски на СЈО.
Зоран Божиновски се наоѓа во притвор откако во април годинава беше екстрадиран од Србија во земјава. Според обвинителниот акт кој го поднесе Обвинителството за организиран криминал и корупција, Божиновски се товари дека ги сторил кривичните дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик.
Предметот сè уште не е распределен кај судија и сè уште не е закажано рочиштето за него.
Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава на 21.4.2016 година, кога Обвинителството ја продолжи истрагата што беше стопирана бидејќи Божиновски беше недостапен за органите за прогонот. Божиновски првично беше опфатен во предметот „Шпион“, но бидејќи беше недостапен, предметот за него беше раздвоен. За „Шпион“ Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе пресуда која беше обжалена пред Апелациониот суд. Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое во септември, за кога е закажана следната јавна седница, треба да се произнесе за наводите во жалбите на одбраната.
М. С.