/ Прочитано:

1.242

СЈО го објави третиот шестмесечен извештај за својата работа

Според структурата на кривичните дела опфатени во третиот шестмесешен извештај за работата на СЈО, најголем дел од нив се за злоупотреба на службената положба и овластување со кои бил оштетен Буџетот на Република Македонија. Во овој период СЈО добило специјализирани информатичко-форензички софтверски решенија со чија помош биле откриени уште 66.909 избришани аудиоснимки. Со тоа вкупната бројка на аудиофајлови се искачи на 606.555. На овие фајлови, како и на претходните 540.646 е извршен електронски попис, кој се наоѓа на вкупно 15.906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудиофајлови изнесува 13.200 часа.

Во третиот шестмесечен извештај за работата на СЈО, во периодот од 15 септември 2016 до 15 март 2017 година, се наведува дека според структурата на кривичните дела опфатени во документот, најголем дел од нив се за злоупотреба на службената положба и овластување со кои бил оштетен Буџетот на Република Македонија.

СЈО го достави извештајот до Советот на јавни обвинители.

Во овој период СЈО добило специјализирани информатичко-форензички софтверски решенија со чија помош биле откриени уште 66.909 избришани аудиоснимки. Со тоа вкупната бројка на аудиофајлови се искачи на 606.555. На овие фајлови, како и на претходните 540.646 е извршен електронски попис, кој се наоѓа на вкупно 15.906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудиофајлови изнесува 13.200 часа.

„Во наведениот период интензивно се работеше на отворените предистражни постапки во рамки на кои особено внимание беше посветено на истражувањето на одделни настани кои произлегуваат од материјалите со кои располага ова јавно обвинителство а кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Напредокот постигнат во еден дел од отворените истражни постапки очекувам дека во скоро време ќе резултира со донесување на јавно обвинителски одлуки и поднесување на обвиненија. Од структурата по кривични дела која е составен дел на извештајот може да се констатира дека најголемиот дел од кривичните дела за кои постои основано сомневање дека се сторени се однесуваат на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и тоа во најголем дел потешкиот облик на ова кривично дело на штета на Буџетот на Република Македонија. Сепак, потребно е да се има предвид дека истражувањето на кривично правните дејствија за ова дело изискува повеќе време за прибавување на документација, сослушување на сведоци, изготвување на вештачења како и спроведување на постапки по барања за меѓународна правна помош“, се вели во извештајот на СЈО.

Во овој извештај се наведува дека и покрај зголемениот интензитет на анализа и обработка на материјалите со кои располага ова јавно обвинителство, а кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, неопходно е да се има предвид дека тоа претставува навистина сложен процес во кој се вклучени голем број лица од тимот на СЈО, но и покрај тоа, потребно е повеќе време за анализа и обработка на материјалите во согласност секако со воспоставените процедури за постапување по нив.

Од податоците содржани во овој извештај кои се однесуваат на финансиското работење на СЈО се истакнува дека ова јавно обвинителство не само што се движи во рамки на одобрениот буџет туку од одобрениот буџет за 2016 година заклучно со 31.12.2016 година има реализирано средства во вкупен износ од 123.548.695,00 денари или 48,70% од буџетот на СЈО.

„Од одобрениот буџет за ова јавно обвинителство за 2017 година во вкупен износ од 228.005.000,00 денари, во периодот од 1.1.2017 година, заклучно со 15. 3.2017 година, реализирани се средства во вкупен износ од 28.636.159,00 денари или 12,56% од одобрениот буџет за 2017 година. Ваквите податоци несомнено го покажуваат рационалното трошење на одобрените средства од страна на ова јавно обвинителство и тоа единствено во функција  на негово нормално функционирање и преземање на потребните дејствија во постапките. Организациската поставеност на јавните обвинители, истражителите, стручните соработници и информатичарите, како и преостанатиот административен персонал во овој период е целосно ставена во функција што повеќе да се анализираат и обработат материјалите со кои располагаме, свесни за определените рокови во кои сме задолжени да постапуваме. Од овие причини сметам дека е од исклучителна важност и сите други тела, органи и институции да ги имаат предвид законските рокови во кои е потребно да постапува ова јавно обвинителство и во таа смисла да обезбедат помош за работата на ова јавно обвинителство во согласност со Законот за кривична постапка“, се вели во извештајот.

Ова јавно обвинителство, се наведува во извештајот, и во текот на овој период остана конзистентно во намерата да обезбеди независно, непристрасно и професионално водење на истрагите во однос на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„Како јавен обвинител за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, цврсто сум убедена дека на овој начин ќе успееме да обезбедиме почитување на начелото на еднаков третман на сите граѓани пред Уставот и законите. Преземајќи ја институционалната одговорност за воспоставување на владеењето на правото, и во оваа прилика сакам да истакнам дека нашата работа е во интерес на Република Македонија и сите нејзини граѓани и нашата цел и мисија се да обезбедиме нивна полна доверба во институциите. Во наредниот шестмесечен период очекувам, пред сѐ, во целост да се нормализира соработката со институциите и органите во земјата во рамки на законските овластувања, со цел да се овозможи непречена и ефикасна работа на Јавното обвинителство што е во интерес на правдата и на сите граѓани на Република Македонија“, стои во извештајот на СЈО.

На следниот линк е извештајот во целост.

А. Б.