/ Прочитано:

1.235

СЈО изрази сомнеж за непристрасноста на судијката и побара да биде изземена бидејќи била споменувана во прислушуваните разговори

Како што наведуваат во денешното соопштение од СЈО, постојат околности што предизвикуваат сомневање во нејзината непристрасност во донесување на одлука, од причини што истата судијка се јавува во содржината на јавнообјавените незаконски прислушувани разговори.

СЈО зграда

Сомнежот во непристрасноста на судијката која го води предметот за уништувањето на службени документи во Управата за безбедност и контраразузнавање е причината поради која Специјалното јавно обвинителство побарало изземање на судијката од предметот.

Како што наведуваат во денешното соопштение од СЈО, постојат околности што предизвикуваат сомневање во нејзината непристрасност во донесување на одлука, од причини што истата судијка се јавува во содржината на јавнообјавените незаконски прислушувани разговори.

Покрај тоа, од СЈО наведуваат дека денес повторно ги доставиле доказите до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кои вчера им беа вратени.

Кривичниот суд побара од СЈО покрај обвинителниот предлог и доказите за предметот да биде доставен и акт за декласификација на доказите бидејќи судијата кој постапувал по предметот не можел да го оценува обвинителниот акт врз основа на класифицирани докази.

Од СЈО пак тврдат дека не постои пречка за судот да постапува со класифицирани информации и да ги евидентира како докази и додаваат дека доколку би се декласифицирале, податоците поврзани со работата и внатрешната организација на УБК би станале јавен документ, што може да предизвика штетни последици во функционирањето на Управата.

Обвинителниот предлог на СЈО се однесува на седум службени лица од УБК осомничени за фалсификување на службена исправа.