/ Прочитано:

1.985

СЈО отвори нов предмет со работен наслов „Труст“

Предистражната постапка е отпочната врз основа на содржината на три разговори од прислушуваните разговори доставени во СЈО од кои два не се објавени во јавноста, чија содржина упатува на сомнение за законитоста на јавната набавка за ископ на јаловина и јаглен од Суводол – Битола. Јавната набавка, предмет на оваа истрага, е реализирана врз основа на оглас од 07.10.2011 година од страна на АД Електрани на Македонија Скопје, а разговорите се случени на 03.08.2011 година и на 06.10.2011 година.

„Отворањето нова истражна постапка од страна на СЈО ќе ви покаже до каде одела борбата со конкуренцијата за добивање на тендери и огромни парични средства и како еден конзорциум со фалсификувана документација успеал да добие тендер, па и анекс на тој тендер и како ‘заработил’ 1.060.000.000,00 денари, пари на граѓаните на Република Македонија или 17.235.772 евра“, истакна денеска специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи при објавувањето на новата истрага под името „Труст“.

Предистражната постапка, потенцираше таа, е отпочната врз основа на содржината на три разговори од прислушуваните разговори доставени во СЈО од кои два не се објавени во јавноста, чија содржина упатува на сомнение за законитоста на јавната набавка за ископ на јаловина и јаглен од Суводол – Битола. Јавната набавка, предмет на оваа истрага, е реализирана врз основа на оглас од 07.10.2011 година од страна на АД Електрани на Македонија Скопје, а разговорите се случени на 03.08.2011 година и на 06.10.2011 година.

„Конкретно, постои основано сомнение дека на 14.11.2011 година во Скопје, првоосомничениот како одговорно лице-управител на осомниченото правно лице ‘Транс мет’ ДОО Скопје, второосомничениот како застапник на осомниченото правно лице ‘Силекс неметали СТ’ ДООЕЛ Кратово и третоосомничениот како управител на осомниченото правно лице ‘Вато’ ДОО Скопје, свесно ги повредиле прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка и му овозможиле на конзорциумот противправна имотна корист ефектуирана во неколку милиони евра. Имено, доказниот материјал упатува на основано сомнение дека заради изигрување на постапката за доделување на договор за јавна набавка, тие кон пријавата за учество во прва фаза од постапката за јавна набавка како доказ за поседување на техничка опрема за извршување на предметната набавка, што е неопходен услов за учество и квалификување во втора фаза од постапката во набавката, доставиле невистинита документација за сопственост на механизацијата“, рече Фетаи.

Обвинителката нагласи дека кривично-правната заштита на употребата на невистинита документација при учество на тендер, законодавецот во Кривичниот законик ја предвидел како кривично дело во член 275-в. Квалификаторен елемент, или отежителна природа на делото му ја дава евентуалната имотна корист прибавена од добивање на тендер со невистинита документација. Во конкретниот случај, доказниот материјал, како што потенцираше Фетаи, упатува на основано сомнение дека конзорциумот прибавил имотна корист од поголеми размери.

„Постои основано сомнение дека како доказ за сопственост на механизација правното лице ‘Транс мет’ преку управителот доставило невистинита документација, меѓу кои договори за наводна купопродажба на механизација, фактури за наводно купена механизација, договор за финансиски лизинг на дробилица, со која прикажал дека е сопственик и ја поседува дробилицата со бараните карактеристики во тендерската документација, иако предметната дробилица фактички била со помал капацитет од бараната во тендерската документација, како и невистинита документација за кадровска екипираност, а сите овие докази се неопходен услов за воопшто и да се учествува во постапката за јавна набавка. Доказите упатуваат на основано сомнение дека второосомничениот во име на осомниченото правно лице ДРГ ‘Силекс неметали СТ’ ДООЕЛ Кратово, како доказ дека тоа правно лице поседува техничка опрема, кој е еден од неопходните услови за учество и квалификување во втора фаза од постапката во набавката, доставил невистинита документација за сопственост, и тоа фактура за наводна продажба на 6 дампери од страна на ‘Силекс неметали’ кон ‘Силекс неметали СТ’ – член на конзорциумот и невистинита документација за кадровска екипираност. Постои основано сомнение и дека третоосомничениот, како доказ дека правното лице ДТГТ ‘Вато’ ДОО Студеничани-Скопје, како подизведувач на член на конзорциумот, поседува техничка опрема, што е еден од условите за учество и квалификување во втора фаза од постапката во набавката, доставил документација за сопственост, и тоа договор за купопродажба на дробилица, на турски јазик, со кој прикажал дека ја поседува дробилицата со бараните карактеристики во тендерот, иако предметната дробилица фактички била со помал капацитет од бараната во тендерот и воедно прикажал дека е мобилна, како што всушност барал тендерот, а таа фактички е статична дробилица“, рече Фетаи.

Доказите упатуваат на основано сомнение дека Комисијата за јавна набавка и стручната комисија врз основа на целокупната невистинита документација оцениле дека конзорциумот ги исполнува условите, па по извршеното бодирање на економските оператори пријавени на огласот, Комисијата за јавна набавка изготвила Извештај за спроведена постапка за јавната набавка за избор на квалификувани кандидати во втората фаза од постапката и одговорното лице на АД „ЕЛЕМ“ Скопје донело одлука со која конзорциумот „Транс мет“ ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ“ ДООЕЛ Кратово е избран за квалификуван кандидат во втората фаза од постапката.

„Потоа првоосомничениот во име и за сметка на носителот на групата осомничени правни лица ‘Транс мет’ ДОО Скопје и ‘Силекс неметали СТ’ ДООЕЛ Кратово, доставил понуда, по што од страна на АД ЕЛЕМ Скопје е донесена одлука за избор на најповолна понуда и бил склучен договор помеѓу АД Електрани на Македонија во државна сопственост Скопје како нарачател и Друштво за градежништво, транспорт и трговија ‘Транс мет’ ДОО Скопје, како извршител. Од сето ова произлегува основано сомнение дека тројцата осомничени со нивните дејствија за конзорциумот оствариле имотна корист од поголеми размери, во вкупен износ од 1.000.000.000,00 денари. Дополнително, имајќи предвид дека врз основа на овој договор, склучен врз база на невистинита документација е склучен и анекс на износ од 60.000.000,00 денари, произлегува основано сомнение дека осомничените за конзорциумот оствариле противправна имотна корист од поголеми размери, во вкупен износ од 1.060.000.000,00 денари без ДДВ, или како што наведов 17.235.772,40 евра, која сума е целосно исплатена од страна на ЕЛЕМ спрема конзорциумот. Од тие причини постои основано сомневање дека осомничените сториле по едно кривично дело – злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство од чл. 275-в ст.3 в.в. ст. 1 од Кривичниот законик. Потенцираме дека се осомничени и трите правни лица во чие име дејствувале осомничените физички лица“, истакна Фетаи на денешната прес-конференција.

А. Б.