/ Прочитано:

3.811

СЈО отвори нови истраги: „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека станува збор за две финансиски истраги, („Талир“ и „Траекторија), а едната („Тревник“) се однесува на незаконитости во постапка при  градење. Пред да бидат соопштени истрагите, Јанева побара од новото парламентарно мнозинство да се укине членот 22 од Законот за специјалното јавно обвинителство, со што би се овозможило продолжување на работата на ова обвинителство.

Специјалното јавно обвинителство денеска на прес-конференција објави отворање на три нови истраги: „Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека станува збор за две финансиски истраги, а едната се однесува на незаконитости во постапка при  градење. 

Пред да бидат соопштени истрагите, Јанева побара од новото парламентарно мнозинство да се укине членот 22 од Законот за специјалното јавно обвинителство, со што би се овозможило продолжување на работата на ова обвинителство.

Имајќи предвид дека ова јавно обвинителство покажа дека е на вистинскиот пат кон ефикасно справување со криминалот што спаѓа во негова надлежност, а со цел во полн капацитет да ја покаже истрајноста во борбата против криминалот и неправдата, бараме новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за ова јавно обвинителство кој ќе овозможи ова јавно обвинителство до крај да ги истражи кривичните дела содржани во доставените разговори од незаконски следените комуникации“, потенцираше специјалната обвинителка.

Во однос на дел од предметите за кои кај јавноста постои интерес, како што се „Монструм“, „Скопје 2014“, „Мартин Нешковски“, „Диво насеље“, Јанева нагласи дека во овој извештаен период сѐ уште не се во можност да ја информираат јавноста од причина што овие предмети се сѐ уште во предистражна постапка.

Јанева рече дека преостанатите 55 проценти од прислушуваните разговори кои ги поседуваат сега засега не ги разгледуваат, бидејќи првенствено се фокусирани на веќе отворените случаи врз основа на обработените 45 проценти од податоците.

„Би сакала да ја информирам јавноста дека во овој момент не ги преслушуваме преостанатите 55 отсто од разговорите што ги поседуваме првенствено поради тоа што сѐ уште се во процес на обработка 45 проценти од разговорите, а од друга страна, поради тоа што фокусот на работа е ставен на веќе отворените предмети. Во оваа смисла, во претстојниот период ќе се продолжи интензивно да се работи на поднесување обвиненија и отворање нови истраги како резултат на отворените предистражни постапки. Во оваа прилика, а како што повеќепати досега укажавме, повторно ќе ги повикам сите субјекти кои поседуваат незаконски следени разговори нив да ги достават до Специјалното јавно обвинителство“, рече Јанева.

Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи изнесе детални информации кои се однесуваат на трите нови истраги на СЈО.

„Тревник“– Истрагата, со работен наслов „Tревник“, која ја отвора СЈО, како резултат на прислушувани, јавно необјавени разговори, опфаќа основано сомнение за кривичноправни дејствија на три лица за изградба на три викенд-куќи во Општина Зелениково, без да имаат право на таква градба, односно градење без одобрение за градење. Според прибавените докази, меѓу кои и сателитски снимки, нивно вештачење, како и друга документација, овие три викенд-куќи биле започнати да се градат во 2011 година, а одобрение за градење од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле и завршени. Законот за градење предвидува обратен редослед, односно најпрвин правосилно одобрение за градење, па отпочнување со градење, а надвор од тој редослед таквите противзаконски дејствија се предвидени и казниви со соодветното кривично дело, бесправно градење од член 244 а став 1 од КЗ, за кое е и отворена оваа истрага.

„Траекторија“ – Втората истрага која беше презентирана, со работен наслов „Траекторија“, е отворена против четири службени лица – поранешни високи владини функционери, за кои постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија изведувач за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата-изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.

Од доказите што се обезбедени во досегашниот тек на постапката, произлегува основано сомнение дека четирите службени лица во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, покрај тоа што ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки постапиле спротивно и на условите поставени од Кинеската влада и кинеската „Ексим банка“ како заемодавач. Иако според претходно дефинираните услови осомничените изборот на изведувач требало да го извршат според домашното законодавство, откако проектната документација ќе им ја достават на компании во Кина кои се наоѓаат на листа на кинески компании квалификувани за спроведување на вакви проекти, тоа не го сториле, а проектната документација ја доставиле само до две кинески компании. Постои основано сомнение дека во месец јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот, иако биле доставени две понуди, преговорите ги воделе само со една компанија и иако во текот на преговарањето со првата компанија, втората компанија која воопшто не била повикана на преговори доставила дополнителна пониска понуда, ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле, по што парафирале усогласен текст на договор за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда. Со ваквите дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

„Талир“ – Последната истрага која беше презентирана е истрагата под работен наслов „Талир“. Станува збор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на дејствување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување целосна контрола над политичката партија.

Постои основано сомнение дека првоосомничениот ги прифатил незаконските средства за финансирање на политичката партија и не им ги вратил на лицата од кои потекнувале, ниту пак ги уплатил во Буџетот на РМ, како што предвидува Законот за финансирање на политичките партии, за потоа ваквите средства да се искористат за хуманитарни цели, туку таквите нелегални средствата ги задржал и со тоа овозможил кумулирање на противзаконски капитал за финансирање на политичката партија. Поради тоа постои основано сомнение дека со овие дејствија првоосомничениот како одговорно лице сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Доказите кои беа обезбедени во текот на предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека првоосомничениот со цел да може, со парите кои потекнуваат од кривичното дело што го сторил, да овозможи финансирање на политичката партија, формирал група лица која се занимава со перење на пари и заедно со другите осомничени лица овозможиле средства кои потекнуваат од кривичното дело преку месните организации на политичката партија да бидат внесени на жиро-сметката на партијата.

Постои основано сомнение дека внесувањето на средствата било извршено преку готовински уплати, при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на политичката партија биле вршени уплати на незаконски стекнатите парични средства, при што во периодот од 2009 до крајот на 2015 година, преку готовински уплати на жиро-сметката на партијата биле внесени вкупно 301.531.662,00 денари или речиси 4.900.000 евра.

Воедно, доказите упатуваат и на основано сомнение дека дел од осомничените лица, со цел да го прикријат незаконското потекло на парите, ги прикажувале ваквите уплати во регистарот на донации и во завршните сметки како легални уплати, а незаконски стекнатите парични средства што биле внесени на жиро- сметката на политичката партија потоа биле користени за намирување на обврските кои дел од осомничените лица ги преземале во име на партијата, по што следувале и плаќања од жиро-сметката.

Постои основано сомнение дека во најголем дел средствата биле трошени за намирување на редовните обврски и плаќање на сметки, маркетинг услуги и услуги за истражување на јавно мислење, хотелски, ресторански и кетеринг услуги, како и за купување на недвижен имот, па така во периодот од 2009 година до 2015 година биле склучени 71 договор за купопродажба на недвижен имот, кој имот потоа е платен од незаконски стекнатите парични средства. Воедно постои основано сомнение дека дел од имотот кој е набавен не бил во функција на остварување на целите и активностите на партијата, па така на дел од прикажаните фотографии се гледа дека дел од купениот имот не се користи за партиски цели и нема партиски обележја.

Поради наведеното, постои основано сомнение дека вкупно 11 лица сториле кривично дело – перење на пари и други приноси, од казниво дело по член 273 став 5 вв став 1 од КЗ, при што 9 лица се осомничени како директни извршители, додека две лица се осомничени како помагачи за истото кривично дело.

Воедно, постои основано сомнение дека ова не бил единствен начин на незаконско финансирање на политичката партија. Имено, постои основано сомнение дека првоосомничениот како одговорно лице спротивно на законските ограничувања предвидени во Законот за финансирање на политичките партии, овозможил за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да бидат обезбедени услуги од правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, кое во време на обезбедување на услугите имало склучено договори за доделување на јавни набавки.

Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека второосомничениот, помогнат од другите осомничени лица склучил – договор за соинвеститорство, при што недвижноста која била вложена во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ имала вредност од 76.445.600,00 денари, додека вкупните вложувања на ДГ „Бетон“ АД Скопје биле во вкупна вредност од 556.041.640,00 денари, од кои 424.733.242,00 денари била вредноста на изградениот објект, додека 131.308.398,00 денари биле уплатени на сметката на политичката партија на име регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за соинвеститорство. Постои основано сомнение дека очигледниот несразмер на правата и обврските на договорните страни, во смисла на членот 15 од Законот за финансирање на политичките партии, претставува донација од ДГ „Бетон“ АД Скопје кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па со оглед на фактот што тоа време ДГ „Бетон“ АД Скопје вршел и услуги по пат на договори за јавни набавки, тој не можел да биде донатор, поради што првоосомничениот имал обврска да ја одбие донацијата или да ги уплати парите во Буџетот на Република Македонија за потоа тие, во согласност со законските одредби, да бидат искористени за хуманитарни цели. Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека првоосомничениот не постапил во согласност со ваквите законски одредби и со тоа овозможил незаконско финансирање на политичката партија.

Имајќи го предвид наведеното, постои основано сомнение дека 5 лица сториле кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, по член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 од КЗ, од кои двајца во својство на директни извршители, додека тројца во својство на помагачи.

Оваа обемна предистражна постапка успеа да ги идентификува лицата од раководството на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за кои постои основано сомнение дека, иако се прикажувале себеси како совесни луѓе кои работеле навидум за интересите на партијата и стекнале имот за партијата, сепак за своето незаконско дејствување од кое имале лична корист ја искористиле политичката партија и во јавноста креирале погрешен впечаток дека токму политичката партија е таа која е одговорна за незаконито работење, иако доказите обезбедени во предистражната постапка не упатија на такво нешто.

Инаку Специјалното јавно обвинителство досега поведе истраги за случаите: „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Труст“, „Тифани“ „Тенк“, „Триста“, „Табла“ и „Тотал“.

А. Б.