/ Прочитано:

1.251

СЈО побара изземање на судијата на претходна постапка за „Тврдина“. Распитот на осомничените прекинат

„Судијата на претходна постапка откако ќе ги комплетира списите на предметот заедно со барањето, ќе ги достави до претседателот на Судот кој во рок од три дена треба да одлучи по однос на барањето за изземањето на судијата“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.

Основен суд Скопје 1 Скопје

Судијата на претходна постапка, пред да заврши со распитот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, од страна на Специјалното јавно обвинителство примил барање за изземање.

Поради ваквото барање од страна на СЈО, судијата на претходна постапка го прекинал распитот на Јанкулоска кој траеше околу три часа.

„Судијата на претходна постапка откако ќе ги комплетира списите на предметот заедно со барањето, ќе ги достави до претседателот на Судот кој во рок од три дена треба да одлучи по однос на барањето за изземањето на судијата“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.

Минатата недела, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје ги укина решенијата на судијата на претходна постапка, Александра Поп-Стефанија, која ги оцени како неосновани предлозите на СЈО за определување на мерка притвор за началникот на Петтата управа при МВР, Горан Грујевски, и мерките за претпазливост за останатите четворица осомничени и дополнително ја оспори надлежноста на Специјалното јавно обвинителство за предметот за уништувањето на опремата за прислушување.

Во решенијата на Кривичниот совет се наведува дека:

„Решението на судијата на претходната постапка е во целост нејасно и противречно на самото себе и во истото не се наведени решавачките факти или докази дали предлогот е неразбирлив и дали го содржи сето она што е потребно за да може да постапи по нив, или е поднесен од неовластен тужител.

Одлуката што ја донел судијата на претходна постапка не соодветствува на поднесениот предлог, и по него не е одлучувано, туку судијата на претходна постапка со својата одлука го отфрлил предлогот, не повикувајќи се и не образлагајќи поради кои причини и по кои одредби од процесниот закон прифатил дека предлогот треба да се отфрли, поради што Советот наоѓа дека е сторена суштествена повреда на погоре наведените одредби.

Дотолку повеќе што во конкретниот случај се работи за итна работа, а судијата не одлучил по поднесениот писмен предлог дали ќе го прифати или ќе го одбие“, стои во решенијата на Кривичниот совет кој одлучувал по однос на жалбите на СЈО.

При повторното одлучување, судијата на претходна постапка треба да ги отстрани суштествените повреди на одредбите по кои постапува од ЗКП и да донесе јасна, разбирлива и законита одлука, односно треба да одлучи дали ќе ги прифати или нема да ги прифати предлогот за определување мерка притвор и предлогот за определување мерки за претпазливост, стои во насоките на Кривичниот совет за судијата на претходна постапка.