/ Прочитано:

1.310

СЈО поднесе Иницијатива за измени на Законот за заштита на сведоци до Собранието

Иницијативата произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на СЈО во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова јавно обвинителство.

Прес СЈО „Тврдина“

Специјалното јавно обвинителство отворило предистражна постапка за објавувањето на приватните разговори  на социјалните мрежи. Оттаму ги осудуваат постапките на објавување на приватните прислушувани разговори и потсетуваат дека објавувањето на вакви материјали е кривично дело, во согласност со членот 151 од Кривичниот законик.

„Овој член предвидува дека тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со казна затвор од една до пет години, а со оваа казна ќе се казни и тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана. Воедно, со истата казна ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица“, се наведува во соопштението на СЈО.

Оттаму уште еднаш ги повикуваат сите лица засегнати од објавувањето на ваквите материјали да ги пријават ваквите злоупотреби во СЈО, а оние, пак, што евентуално поседуваат прислушувани разговори да им ги предадат за нивно понатамошно постапување.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење повторно го повикува Собранието да ги имплементира препораките упатени во мислењето на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста.

„Оттука, го потсетуваме Собранието дека во функција на остварување соодветна рамнотежа помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста, препораките укажуваат дека е потребно да се дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес, со некои потесно дефинирани исклучоци поврзани со јавното објавување на информации за интимни аспекти од приватниот и семејниот живот, како и укажувањето за потребата од прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на Специјалното јавно обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес“, стои во соопштението.

Понатаму, од СЈО информираат дека до Собранието доставиле Иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци која произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на СЈО во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова јавно обвинителство.