/ Прочитано:

1.060

СЈО поднесе жалба до Апелациониот суд за пресудата во предметот „Тифани“

Специјалното јавно обвинителство поднесе жалба до Апелациониот суд за пресудата за новинарката Ивона Талевска во случајот „Тифани“ за затајување данок. Од СЈО бараат на Талевска да ѝ се преиначи условната казна затвор во ефективна затворска казна.

До Апелациониот суд е поднесена жалба, односно се предлага обжалената пресуда да ја преиначи во ефективна затворска казна како главна казна и повисока парична казна како споредна казна. Исто така, правното лице „Смарт“ да се осуди на повисока парична казна, потврдија од СЈО.

Минатиот месец Кривичниот суд ја осуди Талевска со условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори делото даночно затајување.

Со одлуката на Судот, Талевска во рок од еден месец треба да плати казна во висина од 1.000 евра, делот за трошоците за вештачењето, а во период од една година треба да го надомести затаениот данок, односно сумата што СЈО ја прецизираше во обвинителниот акт.

Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ од 2008 до 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што затаила 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.