/Прочитано:

2.561

СЈО: Поднесени претставки против судии до Советот за утврдување на факти

„Со претставките е побарано да се испита работата на судиите од аспект на нестручно и несовесно вршење на судиската функција“, наведува СЈО во своето соопштение.

Објавено од jonsk_admСпецијалното јавно обвинителство денеска информира дека до Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, ова јавно обвинителство поднесе претставки за утврдување на одговорност на судиите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје,  Елена Илиевска Јосифовиќ и Татјана Михајлова.

„Со претставките е побарано да се испита работата на судиите од аспект на нестручно и несовесно вршење на судиската функција“, наведува СЈО во своето соопштение.

Во поднесената претставка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција за Татјана Михајлова, судија при Основен суд Скопје 1 – Скопје се вели:

„Од начинот на кој судијата Татјана Михајлова ја врши својата судиска функција по предметот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произлегува дека истата судската постапка ја водела пристрасно, особено во однос на еднаквиот третман на странките, со намерно повредување на правилата за правично судење, злоупотребување на положбата и пречекорување на службените овластувања. Воедно, судијата Михајлова постапувала несовесно, ненавремено и немарно, што предизвикало одолжување на судската постапка без постоење на законски основ, спротивно на начелото за судење во разумен рок. Со целокупното постапување, судијата Михајлова сторила повреда на прописите, односно нарушување на независноста на судиите при судење, но и грубо повредување на правилата на Судискиот кодекс, со што се нарушува угледот на судиската функција. Овие дејствија се содржани во член 75 од Законот за судови, алинеи 2, 3, 4, 7, 8, 9 и 10, со кои се објаснува законското битие на нестручното и несовесно вршење на судиската функција и со тоа претставуваат дејствија со кои судијата сторува повреда во согласност со овој закон. Својството на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите на странка во постапката ме овластува да го побарам ова постапување од Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија“.

Имено, судијата Татјана Михајлова, постапувајќи по предметот во надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, континуирано, во повеќе наврати во различни фази од постапката ги сторува горенаведените повреди на вршењето на судиската функција. Со таквото постапување на судијата Михајлова се врши и суштествена повреда на одредбите за кривичната постапка во согласност со член 415, став 2 од Законот за кривичната постапка (во натамошниот текст: ЗКП). Но од континуитетот и интензитетот на овие дејствија произлегува потребата овие дејствија да не се третираат единствено како суштествени повреди на одредбите на ЗКП, за кои се пропишани соодветни правни лекови, туку како нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Всушност, повредите на одредбите за кривичната постапка се толку континуирани и интензивни, што се присутни од моментот на преземање на првото дејствие при извршување на судиската функција од страна на судијата Михајлова во предметот што е во надлежност на ова јавно обвинителство. Постапувањето на судијата Михајлова, која во одреден период покрај што е судија беше и в.д. претседател на Основниот суд Скопје I – Скопје, ги нарушува угледот на судиската функција и независноста на судството како услов и неопходност за остварување на неговата улога на чувар на начелото на владеењето на правото. Со таквото постапување се поткопуваат моралниот авторитет и интегритет на судот и јавната доверба како најсилен извор на судската моќ, а веќе сериозно се навлезе и во делот на кривично-правна одговорност.

Претставките што ги поднесе СЈО за двете судијки може да се прочитаат во целост на следните линкови.

А. Б.

Погледнете и ..