/ Прочитано:

1.724

СЈО за трите нови истраги „Попис“ „Моќник“ и „Актор“

Првата истрага што ја презентираше СЈО се води под името „Попис“. Таа се води против две лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 4 в.в. со ст. 1 в.в. со чл. 22 од Кривичниот законик.

„Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во месец октомври 2011 година во Скопје осомничените, искористувајќи ги своите овластувања како одговорни лица – претседатели на политички партии, свесни дека поради нивните дејствија ќе настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување, ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 175.123.909,00 денари.

Имено, постои основано сомнение дека со цел како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во Република Македонија, што резултирало со огромното иселување од Република Македонија на работоспособното население, осомничените помеѓу 10.10 и 11.10.2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија“, посочуваат од СЈО.

Втората истрага, „Моќник“, информираат од СЈО, се отвора поради основано сомнение дека под влијание на, во тој период, исклучително моќен пратеник во Република Македонија багателно се распродаваат имотот на државата и општински имот на негови блиски луѓе, употребувајќи измамнички дејствија спрема советниците на општината.

„Наведеното продолжило со преземање понатамошни криминални дејствија од осомничениот пратеник и негови извршители – послушници во еден државен орган, за да им се одмазди на луѓето за кои смета дека му се мешаат во неговите интереси и интересите на неговото поблиско семејство, со што постои основано сомнение дека се извршени кривични дела Измама од членот 247 од КЗ и Злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 од КЗ. Истрагата се води против 13 лица“, велат од СЈО.

Третата истрага „Актор“ се отвора поради основано сомнение дека е сторено кривично дело при постапката за јавна набавка за избор на најповолен понудувач за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица. Дополнително, оваа истрага се отвора и поради основано сомнение за перење пари кои фирмата добитник на тендерот ги добила со злоупотребата во постапката на јавна набавка.

„Имено, постои основано сомнение дека во 2012 година, во периодот кога се разгледувале и оценувале понудите на тендерот за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица, првоосомничениот, како претседател на Владата, со цел во постапка на јавна набавка за избор на понудувач кој ќе го гради автопатот Демир Капија – Смоквица да не биде избран понудувач од Република Италија, кое правно лице според првоосомничениот во Република Македонија го претставува ‘комуњар’, и кое нешто воопшто не му се допаѓа, и повеќе му се ‘допаѓаат оние од југ’, искористувајќи го своето влијание, со умисла извршил поттикнување врз второосомничениот како министер за транспорт, кој го прифатил налогот и ги поттикнал осомничените службени лица од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија да ги искористат своите службени овластувања како членови на евалуационата комисија (комисијата за оценување на понудите) со право на глас одговорни за спроведување на евалуација и оцена на доставените понуди за проектот Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Паневропскиот коридор X, и во изборот за најповолен понудувач да го фаворизираат правното лице ‘Актор’ од Грција“, образложуваат од СЈО.

Деталите за истрагите на следниот линк.

М.В