Скандал во Стејт департментот: Проститутки, дрога и дипломати
Четврток, 13 јуни 2013 – Американскиот Стејт департмент извести дека спроведува истрага за непримерно однесување на своите дипломати и агенти, откако ТВ каналот Си-Би-Ес неделава објави дека добиле меморандум во кој е наведено дека неколку случаи на непримерно однесување биле предмет на влијанија, манипулирања или откажувања.
Во меморандумот се наведени осум примери на непримерно однесување. Меѓу нив се обвинувања дека безбедносен припадник во Бејрут е „виновен за сексуални напади“ врз странски државјани кои работеле во обезбедувањето на амбасадата и дека припадници на обезбедувањето на поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон изнајмувале проститутки додека биле на официјални патувања во странски земји – што, како што се тврди во извештајот, бил ендемски проблем.
Исто така, наведено е дека во близина на американската амбасада во Багдад оперирала мрежа на нарко дилери која со наркотици го снабдувала персоналот кој работел за Стејт департментот.
Еден американски амбасадор, како што е наведено, „на чувствителна дипломатска функција“ е осомничен за „посетување проститутки во јавен парк“, тврди Си-Би-Ес.
Иако Си-Би-Ес не наведе имиња на вработените кои се вмешани во овие случаи, американскиот амбасадор во Белгија, Хауард Гатман, издаде соопштение во кое негира дека направил нешто лошо.
„Јас сум гневен и тажен заради неоснованите обвинувања што се појавија во медиумите и страшно е да се гледа како се фрла кал врз моите четири години служба. Јас живеам во прекрасен парк во Брисел низ кој треба да минете за да дојдете до мојата куќа и никогаш не сум направил ништо непримерно“, изјави Гатман.
Портпаролот на Канцеларијата на главниот инспектор на Стејт департментот изјави дека се спроведува истрага за овие обвинувања и дека во истрагата се ангажирани поранешни функционери со искуство во полицијата, пренесуваат британските медиуми.
Портпаролката на Стејт департментот, Џен Псаки, изјави дека меморандумот опфаќа „неколку недокажани обвинувања“.
„Пред составувањето на овој меморандум, Бирото на Стејт департментот за дипломатска безбедност веќе почна да ги преиспитува овие поединечни инциденти. Сите овие случаи ќе добијат логичен заклучок“, изјави Псаки.