Мега скандалот со коњско месо резултираше со апсења во Велика Британија
Петок, 15 февруари 2013 – Пронајденото коњско месо во хамбургерите во Ирска и во Велика Британија етикетирано како говедско, предизвика општ хаос во цела Европа. Денеска во Велика Британија се уапсени три лица поради сомнение за измами во два објекта во кои претходно неделава беа извршени проверки. Мажи на возраст од 64 и 42 години се уапсени во фабрика за преработка на месо во Велс, додека 63-годишен маж е приведен од кланица во Западен Јоркшир, северна Англија.
Откако во јавноста се обелодени дека во повеќе европски земји на трпезите се нашло коњско месо, европските власти се во потрага по измамниците на фалсификатот декларации преку кои месото се откупувало и се продавало во замена за говедско.
Иако во Велика Британија се уапсени три лица, сепак истрагата не завршува тука. Се претресуваат супермаркети во Ирска, една француска фирма која купувала на Кипар и ладилница во северна Германија. Трагите за коњското месо водат низ цела Европа. Според првичните информации, потеклото на месото се претпоставува дека е од Романија, но засега тоа не е официјален став на властите.
На стартот на годинава најпрво во Ирска беа откриени траги од ДНК од коњи во плескавиците кои се продаваат во супермаркетите таму, и низ Велика Британија. Но оттогаш, во различни пакувања на говедски производи кои се продаваат во повеќе синџири на супермаркети, се откри дека содржат од 60% до 100% коњско месо. Коњско месо беше откриено во пакувања со смрзнати лазањи, бургери и во сосот „Болоњезе“ во неколку британски супермаркети. Британската власт се обидува да ги следи производите за да открие точно кога коњското месо влегува во синџирот за набавка на храната.
Скандалот со коњското месо ја разбуди Европа околу тоа колку е слаб и нерегулиран европскиот пазар за месо. Експерти од ЕУ денеска разговараа околу спроведувањето тестови и други мерки, одржаната седница беше посветена на аферата со коњското месо. Во меѓувреме, француската влада соопшти дека ќе и ја одземе лиценцата на француската компанија „Спангеро“ поради сомневање дека свесно продавала коњско месо во замена за говедско.