/ Прочитано:

509

Слабостите во системот за издавање на лични документи да не се прекршуваат врз грбот на граѓаните

Истечените лични карти и неможноста навремено да се обноват личните документи им прават проблеми на голем број граѓани, кои не можат да си подигнат пари од банка или да  платат сметки.

Од МВР посочуваат дека се вклучени сите капацитети за да се дојде до издржано решение. Според министерот за внатрешни работи, пречка за неиздавањето на лични карти е неносењето на Законот за лична карта и тоа што е заглавен во собраниската процедура.

Според Народниот правобранител, пак, недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неоправдано да им создаваат дополнителни проблеми. Тој бара Владата под итно, заедно со деловните банки, да најде времено решение со кое ќе им излезе во пресрет на овие граѓани

 Народниот правобранител неодамна соопшти дека по информациите изнесени во јавноста, како и по јавувања од граѓани кои поради неможноста навремено да си ги обноват личните документи, особено личните карти (поради немање соодветен термин за вадење на документите кои во меѓувреме им истекле), се соочуваат со проблеми, па не можат да си  подигнат пари од банка (пензии, плати и други лични примања) и да си ги платат сметките, бара Владата на Република Северна Македонија под итно, заедно со деловните банки, да најде времено решение со кое ќе им излезе во пресрет на овие граѓани.

„Имено, недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството  за внатрешни работи, за што Народниот правобранител еднаш веќе реагираше,  да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неоправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што, во принцип, станува збор за категорија граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица, кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките.
Конкретно, овие граѓани не по нивна вина се ставени во незавидна позиција, од една страна, да останат без основни средства за живот, а од друга страна, поради неможноста да си ги намират долговите кон јавните претпријатија и другите даватели на услуги (струја, вода телефон), да стравуваат дека истите ќе им бидат ускратени.

Покрај ова, Народниот правобранител потсетува дека оваа есен претстои одржување на пописот, како и на локалните избори – операции за  чие спроведување на граѓаните им требат важечки лични документи, па апелира надлежните институции да изнајдат начин за надминување на овој проблем.

Народниот правобранител во повеќе наврати има потенцирано дека за доследно почитување на правата загарантирани со Уставот и законите потребни се силни институции со голем капацитет, а сегашната ситуација со обновата на личните документи не оди во овој правец“, вели правобранителот.

М.В