/ Прочитано:

1.537

Извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија

Слободата на движење не важи за Ромите – враќања од граница без законска основа

Во Извештајот изготвен од МЗМП и УСАИД се наведува дека Ромите се непропорционално засегнати од граничните проверки при излез од државата, при што се врши и дискриминација, а не само ограничување на уставногарантираните права.

pasos-makedonski

„Не смеете да ја напуштите земјата бидејќи веќе еднаш сте се обиделе да го направите тоа и не ви било дозволено, а згора на тоа сте и исто облечена што е забележливо од снимките“, било објаснувањето на граничната полиција на граничниот премин Табановце, која не им дозволила на триесетгодишна жена и на нејзината малолетна ќерка, двете од ромска националност, да отпатуваат во Германија во посета на роднини. Во првиот случај на жената ѝ било забрането да ја напушти земјата бидејќи постоела опасност да побара азил во Германија, иако ги имала сите документи, и не добила штембил во пасошот, додека во вториот обид била одбиена поради истата причина, но овој пат добила печат, две паралелни црти во аголот.

Ова е само еден од случаите на кое работело Македонското здружение на млади правци по пријава за повреда на правото на слобода на движење и повреда на правото на еднаквост.

Во Извештајот за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија, изготвен од МЗМП и УСАИД, се наведува дека Ромите се непропорционално засегнати од граничните проверки при излез од државата, при што се врши и дискриминација, а не само ограничување на уставногарантираните права.

Во Уставот на РМ постојат случаи во кои се ограничува правото на движење на граѓанин на Република Македонија или забрана да ја напушти државата, а тоа е доколку за него се води кривична постапка, или заради заштита на безбедноста на Републиката или заради заштита на здравјето на луѓето.

Во случаите опфатени во Извештајот станува збор за поголем број лица од ромската етничка заедница кои сакале да ја напушат земјата, а биле спречени во тоа.

„Практиката што се забележува во случаите не е поткрепена со ниту една од причините поради кои на граѓанин на Република Македонија би му било забрането да ја напушти државата. Напротив, сите лица кои се јавиле со ваков проблем имаат валиден биометриски пасош и на никаков начин не претставуваат закана ниту по безбедноста, ниту по јавното здравје“, истакна Маја Атанасова при презентација на Извештајот.

mladi pravnici 2

Друг проблем, според неа, е тоа што лицата на кои не им е дозволено да ја напуштат земјата не добиваат никаков акт за ваквата забрана.

Во случаите што ги застапува Здружението пред судовите во земјава, поврзани со ваквите повреди, претставниците на Министерството за внатрешни работи велат дека овие лица не ги исполнуваат условите што ги налага Шенгенскиот кодекс – освен биометриски пасош, треба да имаат и повратен билет, гарантно писмо и доволно финансиски средства.

„За жал, во најголемиот број случаи што ги водиме како Здружение не им бил дозволен излез од земјава на лица Роми кои ги имале сите овие документи“, вели Атанасова.

Дополнително, додава таа, Македонија на никој начин не е обврзана со Шенгенскиот кодекс, или со друг вид меѓународен документ, да врши ваква проверка на документи.

Забраната за напуштање на земјата поради опасност дека одредено лице ќе бара азил во друга земја не смее да претставува основа за ограничување на правото за напуштање на Македонија и тоа не е предвидено ниту со некој закон ниту во Уставот на Република Македонија.

Според Атанасова, законите во Македонија нудат можност за правна заштита при вакви случаи, како поведување постапки за заштита на правата пред основните судови, како и поведување иницијативи пред Уставниот суд и пред Управниот суд.

1 mladi pravnici

„Сега засега единствениот успех го имаме пред граѓанските судови, каде што веќе имаме пресуди. Иако на почетокот судската пракса беше неусогласена, сега може да се утврди дека судовите успеваат да забележат на кој начин е настаната повредата на правото на движење и на правото на еднаквоста за оваа категорија луѓе“, појаснува Атанасова.

Во една пресуда на Апелациониот суд дури е и експлицитно наведено дека граничната контрола нема никаква основа да врши дополнителни контроли за овие лица само поради постоењето на можноста тие да го злоупотребат безвизниот режим и евентуално да побараат азил во друга земја.

Како преседан, Атанасова го наведе примерот во кој Основениот суд во Велес се повикал на тоа дека Македонија е потписничка на Шенгенскиот договорот кој нема никаква правна сила во земјава.

Како проблем при остварувањето на правото на слободно движење и правото на еднаквост, Атанасова го наведе проблемот со докажувањето бидејќи во некои случаи на лицата им се става печат во пасошот со што е јасно дека им бил забранет излез од земјата, но во други случаи тие не добиваат никаков доказ.

„Во такви случаи се обраќаме до МВР од каде ги бараме службените белешки и записникот што го составува граничната полиција врз основа на кои го докажуваме предметот“, рече Атанасова.

Во заклучокот од анализата на ваквите случаи и од работењето на случаите, од Здружението наведуваат дека преку нив се отвораат две прашања: Прво, дали судовите ја вршат ефикасно својата функција за заштита на човековите права и второ, кои се правните импликации од безвизниот режим како и од процесот на пристапување на РМ во ЕУ?

М.С.

Човековите права во сенка на прислушувањето и на бегалската криза