/ Прочитано:

1.013

Словенија и Хрватска се договориле околу спорот за „Љубљанска банка“, за деталите молчат и двете страни

Четврток, 7 февруари 2013 – Словенија и Хрватска пронашле решение околу спорот со „Љубљанска банка“, но не може да го претстават во јавноста додека не биде одобрено од двете влади. На шест часовниот состанок меѓу министрите Весна Пусиќ и Карл Ерјавец паднал договор кој според првичните информации нема да му наштети никому, а ќе им користи на двете страни.

На шест часовниот состанок меѓу министрите за надворешни работи на Хрватска и Словенија, Весна Пусиќ и Карл Ерјавец во Брисел, паднал договор околу деценискиот спор за „Љубљанска банка“. Според првичните информации решението околу кое се согласиле министрите има неколку различни подваријанти, но ќе се крие во тајност се додека двете влади не бидат согласни за едно единствено решение поврзано со старите девизни резерви на хрватските штедачи во поранешната „Љубљанска банка“.

„Нашата работа е да пронајдеме решение кое е политички издржливо и прифатливо за двете страни. Дојдовме до такво решение. Тоа ќе ја опфати ратификацијата на хрватскиот пристапен договор во словенечкиот парламент во кој ќе се овозможи Словенија да не биде последната членка на ЕУ која ќе го направи тоа“, по состанокот изјавила Пусиќ, шефицата на хрватската дипломатија.

Задоволен од состанокот излегол и нејзиниот словенечки колега Карл Ерјавец.

„Имаме решение кое е прифатливо за двете страни. Мислам дека Словенија со тоа ќе ги реши остварените цели, а решението ќе овозможи ратификација во словенечкиот парламент“, изјавил министерот Ерјавец.

Неодамна, медиумите пренесуваа за евентуалниот компромис кој Словенија и го нуди на Хрватска. Високи дипломатски кругови потврдиле дека Словенија има предлог за компромисно решение околу словенечко-хрватскиот спор нудејќи да врати половина од долгот на хрватските штедачи во некогашна „Љубљанска банка“, односно од 278 милиони евра, Словенија се нуди да врати 130 милиони евра.

Неисплатените заштеди на Хрватите се од периодот 1992-1995 година. Преговорите околу долгот што „Љубљанска банка“ треба да и го врати на Хрватска датираат уште при крајот на 1995 година.