/ Прочитано:

823

Словенија ја очекува пресудата за поранешниот премиер Јанез Јанша

Вторник, 4 јуни 2013 – Словенија е во очекување на пресудата за поранешниот премиер Јанез Јанша кој беше обвинет во таканаречената афера „Патриа“ за нелегално опремување на словенечката војска со оклопни транспортери во вредност од 278 милиони евра. Судењето длабоко ја подели словенечката јавност – 47 % очекуваат поранешниот премиер да биде прогласен за виновен, а 40 % ослободителна пресуда. Словенечките медиуми пишуваат за евентуална пресуда донесена во среда. 

После 50 одржани рочишта и над година дена судење, следните неколку дена се очекува објавување на пресудата на обвинетите во аферата „Патриа“, меѓу кои е и поранешниот премиер Јанез Јанша.

Денеска пред првостепениот суд во Љубљана продолжува рочиштето со изнесување на завршните зборови на обвинетите и нивните адвокати, а според словенечките медиуми, пресудата може да биде донесена најдоцна до утре.

Обвинителството предложи две години затвор за поранешниот премиер Јанез Јанша и парична казна од 37.000 евра, затоа што ја прифатил паричната награда од фирмата „Патриа“ во 2006 после победата на конкурсот за опремување на словенечката војска со оклопни транспортери во вредност од 278 милиони евра. Зад директорот на фабриката Ротис, Иван Чмковиќ и бригаридот на словенечката војска Тоне Крковиќ, обвинителството предложи казна од по 22 месеци затвор и по 37.000 евра казна.