/ Прочитано:

797

Словенија и нуди компромис на Хрватска: Да им врати половина долг на хрватските штедачи во некогашна „Љубљанска банка“

Петок, 1 февруари 2013 – Словенија и нуди на Хрватска да и врати 150 милиони евра од вкупниот долг кој изнесува 278 милиони евра за да се реши деценискиот словенечко-хрватски спор околу заштедите на хрватските граѓани  во некогашната „Љубљанска банка“. 

Високи дипломатски кругови потврдиле дека Словенија има предлог за компромисно решение околу словенечко-хрватскиот спор нудејќи да врати половина од долгот на хрватските штедачи во некогашна „Љубљанска банка“, односно од 278 милиони евра, Словенија се нуди да врати 130 милиони евра, објавува „Јутарњи лист“. По ова Словенија најавува дека ќе го ратификува Договорот за влез на Хрватска во ЕУ.

Според информациите од Владата на Хрватска, понудата на Словенија сериозно се разгледува меѓу владините кругови, но засега не е познато дали сигурно ќе биде прифатена.

Во меѓувреме, хрватскиот и словенечкиот министер Весна Пусиќ и Карл Ерјавец се договориле да одржат нова средба на 6 февруари во Словенија, на која според шефицата на хрватската дипломатија би можело „стручно и политички да се дефинира решение“ на проблемот.

Словенија е единствена од 27-те земји членки на ЕУ која се уште не го отпочнала процесот за ратификација на Договорот за членство на Хрватска во Унијата. Љубљана го условува Загреб да ги повлечат полномоштвата на банките кои ја тужеа „Љубљанска банка“ во врска со пропаднатите девизни заштеди на почетокот на 90-те години на минатиот век, за кои банката ги обештеди словенечките граѓани, но не и нејзините штедачи од другите поранешни југословенски републики.

Неисплатените заштеди на Хрватите се од периодот 1992-1995 година. Преговорите околу долгот што „Љубљанска банка“ треба да и го врати на Хрватска датираат уште при крајот на 1995 година. По неполни 2 децении, без никаков успех со преговорите, општинскиот суд во Загреб ја донесе првата пресуда.