/ Прочитано:

1.883

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Стартот на процесот одложен поради барање на одбраната на еден од обвинетите за дополнителен увид во доказите

Обвинителот од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Владимир Милошевски, при денешното презентирање на обвинителниот акт, кој се однесува на пет обвинети, откако шестмина ја признаа вината, наведе дека се прибрани докази кои секој одделно и во нивната целост укажуваат дека обвинетите презеле дејства на извршување на кривичното дело.

Судење за случај „Ќелија“

Процесот за случајот „Ќелија“, кој се води против петмина обвинети за учество во странска војска, денеска беше одложен поради барање на одбраната на еден од обвинетите за дополнителен увид во доказите, но и поради подготвеноста на уште еден од обвинетите за признание на вина, за што адвокатот побара дополнителни консултации со својот клиент.

Во процесот обвинети се: Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Ерол Рустеми, Имери Мухамед и Стефан Стефановски. Тие се товарат за сторено кривично дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации според членот 322-а во однос на неколку става од Кривичниот законик.

Обвинителот од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Владимир Милошевски, при денешното презентирање на обвинителниот акт, кој се однесува на пет обвинети, откако шестмина ја признаа вината, наведе дека се прибрани докази кои секој одделно и во нивната целост укажуваат дека обвинетите презеле дејства на извршување на кривичното дело.

„Кривичните дела се докажани од прибраните материјални докази и од доказите обезбедени преку посебни истражни мерки и преку анализа на средствата за електронска комуникација кои ги користеле обвинетите. Од нив се забележува меѓусебна комуникација, но и комуникација со трети лица кои се наоѓаат на воените жаришта и кои се дел од паравоени формации, како и со лица кои дејствувале како поддршка за превоз до воените жаришта и вклучување на лица во воени дејствија“, наведе Милошевски.

Судење за случај „Ќелија“

Обвинителот потенцираше дека Обвинителството, освен со докази за учество на обвинетите во паравоени формации, располага и со докази кои го докажуваат делото од став 1, односно дека обвинетите лица биле вклучени во организирање превоз, опремување, обучување или на друг начин помагање на лицата кои ќе заминат на воените жаришта.

„Доказите укажуваат на давање на материјално-финансиски средства, кои биле наменети за логистика и полесен трансфер до странската земја“, рече Милошевски.

Покрај тоа, Обвинителството располага и со докази прибрани од социјалните мрежи, обезбедени од запленетите компјутери, од кои се покажува дека обвинетите прикачувале аудио- и видеозаписи и фотографии директно од воените жаришта.

Од сето наведено, Обвинителството ќе докаже дека обвинетите секој одделно го сториле кривичното дело, како во неговиот субјективен така и во неговиот објективен елемент.

Подготвеност за признание на вина на Иса Фуга

Бранителот на обвинетиот Иса Фуга, Ефто Спировски, пред судот истакна дека, иако тој како адвокат смета дека не постојат докази со кои се докажува дека неговиот клиент го сторил кривичното дело, тој е подготвен да признае вина во однос на еден став од трите става од кривичното дело кое му се става на товар.

Судење за случај „Ќелија“

„Јас сум ангажиран да го бранам Иса Фуга преку неговиот татко и, иако нашите ставови не се поклопуваат, јас морам да ја следам желбата на Иса изразена преку неговото семејство. Тие ме информираа дека тој не може да ги истрпи условите во притворот, дека 10 квадратни метри во затворот влијаат тој да стане емотивно лабилна личност поради што изразил волја да признае едно од делата што му се ставаат на товар“, рече Спировски.

Тој признава дека имал разговор со неговиот другар од детството, но ниту на крај памет не знаел дека тој се наоѓа во Сирија. Мислел дека е на работа во Германија и доколку тој разговор што го имал е толку погрешен, Иса Фуга е подготвен да признае дека погрешил, рече Спировски.

Тој побара Судот да го прифати признанието за вина за овој став од кривичното дело кое му се става на Товар на Иса Фуга и да му биде определена казна затвор од 3 годни наместо најстрогата санкција.

Судијата Ѓоко Ристов, кој го води процесот, истакна дека не може да се направи преквалификација на делото, ниту да се издвои признанието за вина за само едно дело бидејќи Иса Фуга е обвинет во однос на три става од членот 322-а за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

Адвокатот на обвинетиот Стефан Стефановски, Слободан Богојевиќ, побара од Судот да му биде обезбедено време за дополнителен увид во доказите.

Судење за случај „Ќелија“

„Ние двајца бранители речиси секојдневно вршиме увид во доказите од денот кога предметот пристигна во Судот. Досега успеавме да видиме само 50 проценти од доказниот материјал и поради тоа барам од Судот да ми биде овозможено уште 7 работни дена увид во доказите пред започнување на главната расправа“, рече Богојевиќ.

Поради барањето на Богојевиќ, судијата Ристов го презакажа процесот за 16 мај.

Марија Севриева

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Казни затвор од 5 до 7 години за признание за учество во паравоена формација