/ Прочитано:

1.846

СЛУЧАЈ „МИЛТОН МАНАКИ ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА“: Уставниот суд го отфрли барањето на внукот на Манаки за заштита на слободите и правата

Уставниот суд го отфрли барањето на внукот на првиот филмски снимател на Балканот Милтон Манаки, кој го носи неговото име, да му се заштитат слободите и правата, повредени, според него со пресуди на надлежните судови со кои се одбива тужбеното барање за враќање на 37 филмски материјали на неговиот дедо или исплаќање на паричен надомест зголемен за камата. Уставниот суд оценил дека пресудите не се оспоруваат од аспект на слободите и правата што ги штити, туку од аспект на повреда на правото на правично судење, правото на судење во разумен рок и на правото на сопственост по основ на наследство.

Судската сага околу овој случај траела цели 8 години. Имено, во 2006 година, најпрвин синот на Манаки, Леонид Манаки, поднел тужба до Основниот суд Скопје 2 и со неа побарал Република Македонија да му врати движен имот (37 филмски материјали-филмови) од неговиот татко или да му исплати паричен надомест зголемен за камата и други трошоци. На 12 јуни 2009 година тужителот Леонид Манаки починал, а на 8 јануари 2010 година неговите наследници Веселинка Манаки, Мери Манаки Филиповска и Милтон Манаки доставиле поднесок за продолжување на постапката по напред наведената тужба.

На 15 март 2010 година е донесена пресуда од Основниот суд Скопје 2 и со неа се одбива прецизираното тужбено барање за враќање во владение и сопственост на конкретно набројаните филмски материјали-филмови односно за плаќање на надомест за тие филмови во износ од 12.200.000,00 денари.

„Причината за одбивањето на тужбеното барање е: на Милтон Манаки, правниот претходник на трите тужители, за наведениот движен имот „… му е исплатен и примен од негова страна надомест видно од приложените докази од 1.000.000,00 динари“ (стр.12 став 3 од Пресудата)“, се образложува во решението на Уставниот суд.

 На 9 мај 2010 година тужителите Манаки поднеле жалба, меѓутоа Апелациониот суд една година подоцна носи пресуда со која ја одбива жалбата како неоснована и ја потврдува првостепената пресуда. На 10 октомври 2013 година, пак, Врховниот суд ја одбил  ревизијата на двете пресуди, при што подносителот, внукот на Манаки (Милтон Манаки), пресудата ја добил две години подоцна, во 2015 година.

Аспектите на оспорувањето се надвор од делокругот на Уставниот суд

Во Барањето до Уставниот суд, чиј подносител исто така е Милтон Манаки, се наведува дека со оспорените пресуди се повредувало: правото на правично судење на подносителот, конкретно неговото право на образложена одлука, потоа принципот на еднаквост на оружјата и правото на непристрасен судкои повреди, според подносителот, биле сторени со занемарување на сите докази на тужителот-подносителот на ова барање, од една страна, и со прифаќање на недокажани и произволни аргументи на тужениот-Република Македонија, од друга страна, како и со погрешно оценување на изведените докази, за што се изнесуваат примери содржани во пресудите; правото на судење во разумен рок, особено, како што се наведува, однесувањето на властите, така што неоправдано се одолговлекувала судската постапка речиси 8 години; и правото на сопственост по основ на наследство, што било последица на повреда на правото на правично судење.

 Уставниот суд оценил дека означените пресуди не се оспоруваат од аспект на слободите и правата што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку од аспект на повреда на правото на правично судење, правото на судење во разумен рок и на правото на сопственост по основ на наследство, чија заштита е надвор од делокругот на Уставниот суд.

„Покрај тоа, во однос на Пресудата ГЖ.бр.-4224/10 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 14 јануари 2011 година, кој акт е поединечен и правосилен акт, Судот утврди дека поминал рокот од 2 месеци за нејзино оспорување пред Уставниот суд со оглед дека подносителот на ова барање знаел за содржината на таа пресуда пред 18 февруари 2011 година, кога ја поднел Ревизијата против таа пресуда до Врховниот суд на Република Македонија, а Барањето до Уставниот суд го поднел на 2 октомври 2015 година.

Во однос, пак, на Пресудата П.бр-1127/10, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 15 март 2010 година и Пресудата Рев.2.бр.81/2012, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 10 октомври 2013 година, Судот утврди дека, освен тоа што аспектите на оспорувањето се надвор од делокругот на Уставниот суд, тие пресуди не се поединечни правосилни акти, па ни поради тоа не можат да бидат предмет на одлучување од Уставниот суд“, се вели во решението на Уставниот суд. E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk 30.11.2015