Случај „Планинска“: Судот го прифати четвртото обвинение против Санадер, се спрема уште едно
Петок, 14 декември 2012 – Иво Санадер, поранешниот премиер на Хрватска доби четврто по ред обвинение за корупција поради незаконско стекнување на милиони долари преку владина зделка за недвижен имот, соопштува загребскиот Жупански суд. Останатите двајца, поранешниот парламентарец на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Стјепан Фиолиќ и поранешниот министер за регионален развој Петар Чобанковиќ кои исто така се обвинети во овој случај наречен „Планинска“, го признале делото, но не успеале да се спогодат со обвинителството.
Обвинителот Тончи Петковиќ појаснил дека не се согласува со тврдењата дека обвинението се темели на признанието на двајцата обвинети, туку обвинителството поседува цврсти докази кои се многу важни, па поради тоа обвинението е прифатено од судот. Одбраната на Санадер пак појаснила дека во судската постапка ќе го доведе во прашање признанието на Стјепан Фиолиќ и Петар Чобанковиќ. Според одбраната, во ниеден случај не е дозволено обвинение да се темели врз основа на признание. Поранешниот министер Чобанковиќ во истрага рекол дека се што направил било по барање на Санадер.
УСКОК тврди дека Стјепан Фиолиќ, зградата на Министерството за регионален развој која се наоѓа на улица „Планинска“ ја продал за многу повисока цена од реалната цена на пазарот. Во тоа му помогнале поранешниот премиер Санадер, министерот Чобанковиќ и сообвинетиот Младен Млинариќ, директор на „Инжењерско биро“, кое ја проценила зградата и земјиштето со нереален висок износ, па цената што ја платило министерството е двапати повисока, односно 79,9 милиони куни.
УСКОК ги терети обинетите дека со нелегална продажба на земјиште и имот го оштетиле буџетот за 38 милиони куна, од нив 17 милиони завршиле кај Санадер. Ова е четврто обвинение против Санадер, обвинителството подготвува уште едно обвинение поврзано со случајот „ХЕП Диоки“, во кој обвинети освен Санадер се и Роберт Јежиќ, клучниот сведок во случајот „ИНА – МОЛ“ за кој веќе беше донесена првостепена неправосилна пресуда, со која Санадер беше осуден 10 години затвор, и Иван Мравак, сведок во „Фими медиа“.
Додека Санадер го отфрла и ова обвинение, Стјепан Фиолиќ и Петар Чобанковиќ го признале делото, па зад затворени врати во обвинителството се обидуваат да направат спогодба со цел да одлежат година и пол затвор, а засега не се исклучува можноста и еден од нив да стане сведок во судската постапка.
Фиолиќ признал дека му ги криел уметничките слики на Санадер
Стјепан Фиолиќ на истражителите им раскажал како по барање на Санадер, пред да побегне од Хрватска во декември 2010 година, на својот имот сокрил неколку уметнички дела на екс-премиерот. Фиолиќ на истражителите им покажал каде се скриени уметничките слики, меѓу кое било и делото на Влахо Буковац за кое и претходно се трагало, но не можело да се пронајде.
Санадер негира дека му дал пари на Фиолиќ и дека лаже за сликата од Буковац со објаснување дека тоа уметничко дело не е негово.