/ Прочитано:

2.632

СЛУЧАЈ „ШПИОН“: Одбраната очекува дека ќе биде укината првостепената пресуда

Иако на денешната јавна седница се појавија специјалните јавни обвинителки Елизабета Јосифовска и Ленче Ристоска, најверојатно, тие денеска нема да можат да го соопштат ставот на СЈО во однос на првостепената пресуда на Кривичниот суд.

Шпион на Апелација

Повеќе од четири часа судијата известител Зоран Димитриевски во Апелациониот суд во Скопје на јавна седница ги презентираше жалбените наводи на одбраната на првостепената пресуда за случајот „Шпион“.

По неколкумесечно одложување, денеска конечно започна јавната седница за случајот „Шпион“. Јавните седници беа одложувани бидејќи случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство и му беше потребно време за да го проучи предметот. Иако на денешната јавна седница се појавија специјалните јавни обвинителки Елизабета Јосифовска и Ленче Ристоска, најверојатно, тие денеска нема да можат да го соопштат ставот на СЈО во однос на првостепената пресуда на Кривичниот суд.

По излагањето на судијата известител, седницата продолжи со изнесување на наводите во жалбите од страна на адвокатите и обвинетите. Дел од адвокатите се задоволни од начинот на кој судијата известител го презентирал предметот.

„Судијата известител го реферираше предметот навистина на чесен и објективен начин затоа што ги посочи сите жалбени наводи и пропустите на кои се повикува одбраната во првостепената постапка“, рече адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

„Одбраната очекува дека ќе биде укината првостепената пресуда затоа што има многу суштествени повреди, погрешно утврдена фактичка состојба и, најосновно, повредено е правото на одбрана. Нам не ни беше доставена ни првостепената пресуда од страна на судечкиот судија, па можете да замислите како се одвивало судењето. Но она што е најинтересно е дека суштината е дека се одавале информации на странски служби за пратеници, за функционери и за други партиски лица, а најголемиот број од информациите со кои оперира Обвинителството се јавни информации достапни на интернет, особено досиејата за Богдановски и другите. Сето она што е напишано во пресудата е срамно и очигледно е дека е необјективно“, рече адвокатот Давидовиќ.

Пресудата е оспорена во 45 точки од страна на одбраната, но, како што велат адвокатите, би било неумесно да се потенцира која точка од пресудата е најспорна бидејќи во предметот се работи за луѓе, а не за точки и затоа треба многу внимателно да се разгледа доказниот материјал за секој обвинет одделно.

Давидовиќ очекува дека второстепениот суд ќе го врати судењето на почеток и дека ќе им биде овозможено да ги изнесат своите докази во повторена постапка.

„Ова е пресуда во која се пречекорени сите рокови. Таа е изготвена со задоцнување од два и пол месеци, обемна е, а одбраната имаше само 15 дена за да поднесе жалба“, стои во жалбените наводи кои ги презентираше судијата Димитриевски.

Во предметот „Шпион“, со првостепената пресуда сите деветнаесет обвинети беа прогласени за виновни. Највисока затворска казна доби Марјан Ефремов, кој според Обвинителството бил „мозокот“ на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Нему му беа изречени 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање. Останатите затворски казни се движат од една до девет години, а изречена беше и една условна казна.

Меѓу обвинетите се и: ексгенералот на поранешната Единица за брза интервенција „Лавови“ Горан Стојков,  поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во Управата за контраразузнавање Александар Диневски.

Јавната седница за „Шпион“ продолжува утре.

М. С.