/ Прочитано:

1.525

СЛУЧАЈ ТАМАРА: Директорите на ФЗОМ си дадоa оставки, црвен картон за Тодоров

Придружени со звукот на отчукување на срце, граѓани денеска на масовен протестен марш побараа оставки од министерот за здравство Никола Тодоров, од директорите на Фондот за здравство и од лекарските комисии поради смртта на малата Тамара Димовска од Велес. Во меѓувреме пристигна веста дека двајцата директори на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази си дале оставки.

„Одете си за да може да се направи поубаво место за живеење за нашите деца. Тамара е доказ дека не се грижите добро за нашите деца. Заминете си од вашите фотелји за да не се случи нова Тамара. Децата чекајќи ја вашата милост умираат. Одете си за да нема родители скршени од тага, преполни со болка и солзи. Мора да го најдеме виновникот. Вие веќе кажавте дека ние сме виновни за смртта. Три години баравме операција, вие ни ја дадовте три дена по смртта, ни испративте решение по цели три години“, им порача на надлежните мајката на Тамара, Жаклина Димовска, која беше на чело на протестот.

По смртта на Тамара две деца коишто, исто така, боледуваат од сколиоза добија можност за лекување во странство.

„Нели не беа итни, требаше да се лекуваат во спиналниот центар… Каде е тој центар, сега излезе дека сите тие деца биле итни, но моето си замина кај ангелите. Каква е оваа правда?“, праша Димовска и порача дека едното дете го изгубила, а за другото сега чека потписи за операција.

Протестот почна пред подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување, продолжи пред републичкиот Фонд за здравство и заврши пред Министерството за здравство

„Убијци”, „Монструми”, „Ја убивте Тамара”, извикуваа граѓаните кои симболично му дадоа црвен картон на министерот Тодоров.

„Од човечки причини се повлекувам од функцијата“

Во меѓувреме директорката на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова, на прес-конференција соопшти дека си поднела оставка од функцијата. Одлуката, како што рече, ја донела од човечки причини.

„Јас сум емотивна личност, а не ладен бирократ и од човечки причини се повлекувам од функцијата – директор на Фондот за здравство. Револтот и гневот на пошироката јавност мене ми е сосема разбирлив. Лично се соживувам со него како човек и како мајка. Обдукцијата, која веќе е објавена во медиумите, ја потврди причината за смртта, станува збор за причина која не е поврзана со операцијата која требаше да ја има Тамара, а за која на крај се обезбедија средства.

Дополнително интерна комисија во Фондот провери и констатира дека сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот се испочитувани“, рече Парнаџиева-Змејкова.

Неполн час по оставката на директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова, оставка од функцијата директор поднесе и Џемали Мехази. И тој вели дека бил мотивиран од човечки причини.

„Во вршењето на мојата функција, за овој случај и сите други слични случаи, направив сè што ми беше овозможено во рамките на законот. Случајот на Тамара ме погоди како човек и како родител. Додека ја извршував оваа функција, лично сум се залагал за да се решаваат сите случаи кои се обратиле до ФЗОМ, секако, во согласност не само со законските обврски, туку и воден од лична совест. За мене и за моите соработници во ниту еден момент немаа значење името, етничката и верската припадност во изнаоѓање решенија за нашите граѓани“, истакнува Мехази во пишаната изјава.

 Судска медицина: Тамара починала од бронхопневмонија

Денеска со соопштение се огласи и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. По извршената обдукција на телото на починатото девојче од страна Институтот за судска медицина се утврдило дека причината за нејзината смрт е бронхопневмонија.

„Во извештајот од обдукцијата утврдено е дека причината за смртта не е сколиоза, туку бронхопневмонија, односно акутно воспаление на респираторните органи, а утврдено е и присуство на емфизем во белите дробови“, велат од Инспекторатот.

 Оттаму наведуваат дека ќе се испита дали Тамара воопшто била лекувана од оваа  дијагноза.

 „Првичните проверки и извршениот увид во електронскиот здравствен систем покажуваат дека девојчето не било третирано, односно дека воопшто не посетило лекар, ниту примало одредени лекарства за бронхопневмонијата. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе продолжи со испитување на случајот во рамките на своите овластувања и надлежности “, се наведува во соопштението.

Мајката на Тамара реагираше на оваа информација истакнувајќи дека се работи за  режија на власта.

„Вие бевте тие кои сето тоа го режиравте за да излезе дека се виновни родителите. Како можевте да напишете такво нешто, да помислите. Од врата на врата три години баравме лек за нашето дете и на крајот излезе дека јас не сум ја лекувала Тамара како што треба. Јас не сум доктор. Во конзилијарните мислења докторите пишуваа дека мора да се постапи итно за да не добие белодробни проблеми. Да ме примеше пред три години министерот Тодоров, Тамара ќе беше жива. Да не излезеше со изјава дека Министерството ќе ги покрие сите трошоци за лекувањето на Тамара, досега ќе беше излекувана со помош на хуманите луѓе, но вие ветивте дека ќе ги покриете трошоците. Каде ја испративте? – На вечно почивалиште“, рече Димовска на денешниот протест.

Кривични пријави против Тодоров, директорите на ФЗОМ и членови на комисиите

Хелсиншкиот комитет  за човекови права во петокот поднесе  кривична пријава против министерот Никола Тодоров за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Според Комитетот, неколку недели дена пред смртта на Тамара, Тодоров изјавил дека Министерството за здравство и ФЗОМ ќе ги покријат трошоците за операцијата иако претходно двете докторски комисии донеле негативни одлуки за нејзиното лекување во странство и со ова ги довел јавноста и семејството во заблуда поради што, како што велат,  донациите прекинале.

„Министерот нема надлежност да дава таква изјава, бидејќи не одлучува тој за лекување во странство. Тој со ова ги пречекорил границите на своето службено овластување и ја довел во заблуда јавноста и семејството на малолетната Тамара Димовска дека средствата за операцијата ќе бидат обезбедени од страна на државата, поради што прекинале донациите. Единствено што можел да направи е да предложи пред Владата разрешување на одговорните, или, пак, повика инспекција“, велат од Комитетот за Академик.

Кривични пријави за несовесно работење од страна на Комитетот се поднесени и против двајцата директори на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази, како и против членовите на двете докторски комисии. Според нив, Тамара е  директна жртва на неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на Фондот за здравствено осигурување.

„Првостепената комисија одлучувала неполни 6 месеци, а требала да одлучи во рок од 24 часа. Двете докторски комисии донеле негативни одлуки, а од документацијата која беше доставена до Хелсиншкиот комитет можеше да се утврди дека Фондот за здравствено осигурување се обратил и до специјалните болници по хируршки болести во државава, но ниту една од нив не се нафатила да го изврши оперативниот зафат“, потцртуваат од Хелсиншкиот комитет. 

Деветгодишната Тамара Димоска од Велес, која имаше тежок степен на деформитет на рбетот, почина на 9 февруари, откако претходната вечер се жалела на болки во пределот околу срцето. Нејзиното семејство безуспешно се обидуваше да ја добие битката со институциите и со лекарските комисии кои го одбиваа девојчето со образложение дека не се исцрпени сите можности во државата за лекување. Под притисок на медиумите, министерот Никола  Тодоров на 21 ноември минатата година изјави дека државата ќе го плати нејзиното лекување. 

Од Основното јавно обвинителство – Скопје известија дека по допрен глас оформиле предмет.

„Назначен е надлежен јавен обвинител, кој ќе го разгледа предметот и ќе започне постапка за утврдување на фактите и на евентуалната одговорност за смртта“, се вели во соопштението објавено на 10 февруари.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 24.02.2015